Министерството за транспорт и врски распиша огласи за отуѓување на градежно земјиште за изградба на откупно – дистрибутивни центри за земјоделски производи во Валандово и Ресен. Во општина Валандово се продава парцела со површина од 77.981 метри квадратни предвидена за подигање на откупно – дистрибутивен центар за свежо овошје и зеленчук и компатибилни класи на намени – мали и комерцијални дејности и големи трговски единици. Почетната цена на електронското јавно наддавање за ова земјиште изнесува 110 денари за метар квадратен, пријавите за учество на електронското јавно наддавање треба да се достават до 23 јули, а истото ќе се оддржи на 31 јули.
Втората парцела, која е наменена за изградба на стопански комплекс за откуп, складирање и дистрибуција на земјоделски производи, се наоѓа близу Ресен [»мапа] и е со големина од 61.433 метри квадратни. Апликациите од заинтересираните инвеститори треба да се достават до министерството најдоцна до 15 август, електронската лицитација ќе се оддржи на 27 август, додека почетната цена за отуѓување на оваа парцела изнесува 61 денари за метар квадратен, се наведува во денешното соопштение на Министерството за транспорт и врски.