Претходна статија
Започна реконструкцијата на булеварот Јане Сандански
Следна статија
Гевгелија ќе добие репрезентативен градски плоштад во 2013 година

Великанот Богдан Богдановиќ го потсети Скопје на вистинските архитектонски вредности

Објавено на 29.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во присуство на бројните и верни љубители на меморијалната архитектура, вечерва во Музејот на современата уметност во Скопје беше отворена ретроспективната изложба на најпознатиот белградски архитект, скулптор и универзитетски професор Богдан Богдановиќ. Вредниот творечки опус на авторот, прикажан во актуелната изложба преку создадените скици, идејни решенија за проекти, објекти, скулптури и пишани трудови, пристигна во Скопје по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на архитектурата. „Богдан Богдановиќ – проколнатиот архитект“ го доловува задлабоченото навраќање на заборавените архитектонски вредности на овие простори. Бардот на југословенската архитектура остави бравурозни спомен – обележја во чест на паднатите борци и невини граѓани во Втората светска војна на тлото на Југославија.

 

Изложба „Богдан Богдановиќ - проколнатиот архитект“Изложба „Богдан Богдановиќ - проколнатиот архитект“

 

 

Преку поставката во Музејот на современа уметност, скопската публика уште еднаш се потсети на врвните достигнувања: споменикот „Камен цвет“ во Јасеновац, спомен паркот „Слободиште“ во Крушевац, споменикот на паднатите српски и албански партизани во НОБ во Косовска Митровица и десетина други архитектонски остварувања. Македонија ја има честа да биде дом на едно од највредните негови дела, меморијалниот комплекс Могилата на непобедените во Прилеп, изграден во 1961 година, во чест на паднатите борци во Народноослободителната борба.

 

Изложба „Портрети на архитектите“Изложба „Портрети на архитектите“

 

 

На вечерашното свечено отворање, јавноста можеше да се запознае и со проектот „Портрети на архитектите“, комплексна панорама на достигнувања на српските архитекти – членови на Архитектонската секција при УЛУПУДУС, Белград. Манифестацијата се одржува во рамките на овогодинешното издание на Скопско лето, а како организатори на изложбата на архитектот Богдан Богдановиќ се јавуваат Музејот на град Белград, Белградската интернационална недела на архитектура, Центарот за архитектура во Виена и Архитектонскиот факултет во Белград.