Во присутво на министерот за образование и наука Панче Кралев, градоначалникот Жика Стојановски и словенечкиот амбасадор Ален Брајан Бергант, денеска во општина Илинден беше пуштено во употреба новото модуларно основно и средно училиште. На површина од 2.300 метри квадратни, образовниот објект со капацитет за 420 ученици во една смена има 14 училници, 8 кабинети, кабинет за наставници и кујна со трпезарија. Училишниот двор се протега на 6.500 метри квадратни. Иновативноста на училишната зграда произлегува од специфичната градба со модули, фабрички подготвени елементи кои на градилиштето единствено се монтираат од страна на работниците. Благодарејќи на нив, изградбата на училиштето се заврши во период од осум месеци.
Според информациите од локалната самоуправа, станува збор за еколошки и високо енергетски ефикасен објект, каде енергетската ефикасност се остварува преку инсталирање на систем за греење и ладење со геотермални топлотни пумпи. Изградбата на модуларното училиште чинеше 1,5 милиони евра, од кои 1 милион евра се обезбедија од општинскиот буџет, додека преостанатите 500 илјади евра се грант од словенечката влада. Изведувач на градежните работи беше компанијата „Тримо Македонија“, проектирањето го изврши „Тагора“, а за надзорот беше задолжен „Веинг“.