Општина Гевгелија бара купувачи за десет градежни парцели на нејзината територија. Се очекува најголем интерес да предизвикаат двете локации кои се составен дел на Урбанистичкиот план за граничниот премин Богородица. Првата парцела со големина од 31.849 метри квадратни е наменета за изградба на голем трговски центар со површина за градење од 22.600 метри квадратни и со максимална висина од 21 метар, додека втората се простира на 16.244 метри квадратни и на неа може да се подигне хотелски комплекс на површина од 6.509 метри квадратни, со висина од 37 метри. Почетната цена за земјиштето на кое е предвидено да се гради големата трговска единица изнесува 600 денари за метар квадратен или вкупно 19.109.400 денари, додека лицитацијата за втората парцела ќе започне од 223 денари за метар квадратен, односно нејзината минимална вредност е проценета на 3.622.412 денари.
Покрај овие атрактивни локацијии, локалните власти нудат четири парцели со површина од 11.050 до 31.961 метри квадратни за изградба на стоваришта во Негорци по почетна цена од 223 денари за метар квадратен, како и четири градежни парцели со големина од 687 до 776 метри квадратни со намена за подигање на објекти за индивидуално домување во Гевгелија по почетна цена од 61 денари за метар квадратен. Електронското јавно наддавање за земјиштето кај граничниот премин Богородица и кај Негорци ќе се одржи на 31 јули, додека кој ќе ги гради објектите за домување во Гевгелија ќе се знае на 20 јули.