Според информациите од Државниот завод за статистика, во минатата година се регистрирани 1.412 бесправно изградени објекти на територијата на Македонија, од кои 368 се објекти за домување (26,1%), 304 доградби, надградби и адаптации (21,5%), 163 деловни субјекти (11,5%), 84 гаражи (5,9%), а помеѓу дивоградбите што се појавија во текот на процесот на легализација има огради, летни тераси, скалила, тераси, настрешници, времени објекти и помошни објекти. Голем дел од овие зданија биле опфатени со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, иако статистичарите не соопштуваат официјални бројки. На листата на градови со најмногу изградени површини без соодветно одобрение и понатаму предничи Скопје, поточно општините Чаир, Центар и Аеродром.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески деновиве ја соопшти официјалната бројка за легализирани објекти со законските мерки што ги предложи владата, од започнувањето на процесот до денес. Досега се легализирани над 25.000 објекти, поточно од 7 до 15 отсто од нив, во зависност од општините на кои припаѓаат. „Граѓаните не ги нарачуваат и не ги изготвуваат геодетските елаборати, па нема комплетна документација. За процесот да не се одолговлекува со законските измени што се во собраниска процедура, рокот за изготвување на елаборатите се скратува на 18 месеци и нема да се чекаат шест години. Доколку елаборатот не е изготвен во новиот рок, граѓаните го губат правото на легализација“, истакна министерот Јанакиески.
Владината идеја предвидуваше секој граѓанин, во период од шест месеци во текот на минатата година, да може да поднесе барање за легализација на сопствениот објект, при што во рамки на законскиот рок се поднесоа 354.475 апликации. Меѓутоа, целокупниот процес бавно напредува поради незаинтересираноста на граѓаните да ја достават комплетната документација за заокружување на постапката, но и поради недоволниот капацитет за нејзино спроведување од страна на локалните самоуправи.