После речиси двегодишно тапкање во место откако официјално беше означен почетокот на градежните работи, Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија го раскина договорот за реализација на проектот „Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид“ со хрватската фирма „Конструктор Инженеринг“ АД Подружница во Република Македонија. Според надлежните во Управата, договорот е раскинат поради тоа што изведувачот не доставил банкарска гаранција во договорениот рок, не постапувал по забелешките на надзорниот орган и не исполнил повеќе обврски согласно со Законот за градење и други законски прописи. Меѓу нив, посочуваат од Управата, е и тоа што реализацијата на проектот не е навреме започната и тоа што тој неоправдано се одолговлекувал.
Проектот кој предвидува изградба на повеќенаменски комплекс со над 20 објекти околу црквата на Плаошник го следат проблеми уште од самата најава за негова реализација. Бројот и големината на објектите беше предмет на реакции од стручната и пошироката јавност, а локалната и централната власт се препираа околу комуналиите и градежната дозвола. Подоцна проблем се јави и помеѓу изведувачот и инвеститорот, при што „Конструктор Инженеринг“ ја обвини Управата за заштита на културното наследство дека им подмнетнале несоодветен проект врз основа на кој ќе се изведуваат работите и дека договорената сума од девет милиони евра ни од далеку нема да е доволна за завршување на градежните активности.