По целосната изградба на примарниот гасовод во должина од 12,5 километри, „Струмица – гас“ го распиша огласот за изградба на секундарна гасоводна мрежа за дистрибуција на природен гас во Струмица, која е предвидено да биде долга 7.000 метри. Од јавното претпријатие бараат компанија која ќе го реализира проектот во рок од 12 месеци. Заинтересираните субјекти ќе треба да ги достават тендерските понуди најдоцна до 9 јули, кога ќе се дознае и најповолниот понудувач. Покрај поставувањето на цевководот, во досегашната реализација на проектот беше инсталирана и опрема за компресирање, декомпресирање и транспорт на природен гас, од реномираната компанијата „Галилео“ од Аргентина. Извршениот инспекциски надзор покажа дека целокупниот проект е завршен во согласност со европските норми и правилници за овој сектор.
Досега е остварено приклучување на гасоводната мрежа на неколку општински институции и во тек е приклучување и на заинтересираните индустриски капацитети. Во гасификацијата на Струмица до овој момент се вложени преку 90 милиони денари, а вкупната вредност на целиот проект изнесува 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра. Првата фаза на гасификацијата ја изведе фирмата „Конти Хидропласт“ од Гевгелија.