Чудесен спој на огромни зданија изградени во стилот на архитектонските правци од доцниот XIX и раниот XX век, на кичести и мегаломански проекти на Николае Чаушеску од 70-тите и 80-тите години на XX век, како и на модерни и искомерцијализирани деловни објекти и трговски центри кои треба да го потсредат хаосот што го оставил зад себе тоталитаризмот, е во најкратки црти генералната слика што може да ја стекне еден посетител на Букурешт. Именувањето „Малиот Париз“ денеска претставува вистински антипод на континуираниот развиток и присуството на 2,2 милиони индивидуи кои го „моделираат“ животот во главниот град и неговата непосредна околина.
Жителите на романската метропола со радост ја раскажуваат легендата за нејзиното настанување. На бреговите на реката Дамбовица, овчарот Букур го основал градот. Звуците од неговата флејта ги заслепувала од убавина луѓето и нивното квалитетно вино од околните лозја. Во буквален превод од романски јазик, терминот „Букурешт“ значи „радосен си“. Од историски аспект Букурешт претставува најмлада европска престолнина, за прв пат во списите се споменува дури во 1459 година како тврдина (Citadel București) и во брзо време постанува седиште на влашкиот војвода Влад III Цепеш. По соединувањето на Влахија и Молдавија во 1861 година, Букурешт постанува главен град на кралството Романија. Огромен сегмент од преубавите градби во барокен, неокласицистички и готски стил се изградени токму во овој историски период.
Како и да е, центарот на Букурешт денеска е преплавен со објекти кои го нагрдуваат вечниот спомен за него, стекнат од страна на странските посетители. Бомбардирањата во текот на Втората светска војна, разорниот земјотрес од 1977 година и налудничавите замисли на диктаторот Николае Чаушеску му ја одзеле убавината токму во „срцето“ на историскиот сегмент од градот. Централна позиција во проектот на Чаушеску зазема планираниот мегаломански објект во кој требало да се смести извршниот орган на романската социјалистичка држава.
Идејата за подигање на постојната зграда на романскиот парламент е објавена во 1983 година, а неговата изградба започнува во 1984 година. Во периодот на 80-тите години се подигнуваат мнозинството од грди зданија во централното градско јадро, токму во деновите на значителни рестрикции на храна, струја и финансиски средства кои драстично го осиромашиле романскиот народ. Втората градба во светски рамки по нејзината површина ја подигнале 700 архитекти и 20.000 градежни работници. Парламентот има 1.100 соби на 12 надземни катови, а за да се подигне огромната зграда биле преселени 30.000 жители на Букурешт. За да се илустрира луксузирањето со беспредметно трошење на финансиски средства доволно е да се спомене фактот дека само еден од кристалните лустери во огромните парламентарни сали е тежок 2,5 тони. Целиот околен простор на парламентот е преуреден со паркови, булевари, фонтани, станбени и административни згради со огромна големина, обложени со ладен сив мермер и травертин, со додадени антички столбови на одредени објекти кои во целина потсетуваат на архитектурата од севернокорејскиот главен град Пјонгјанг. Заедничката карактеристика за сите нив е непотребната големина и невкусот што го нагрдува центарот на метрополата. Дел од овие зданија веќе се претворени во модерни трговски центри и деловни објекти, но на грдата трага од неодамнешното минато ќе и биде потребно време за да се избрише.
Од друга страна, потребни се само неколку минути пешачење за човек да се отргне од неубавиот дел од историјата на развитокот на Букурешт. Старото градско јадро ја сочинува областа Липскани. Најважните знаменитости на градот се сместени во овој минијатурен сегмент од големата метропола. Името го добива во текот на XV век поради големиот број на германски трговци од Лајпциг кои работеле во тогашната тврдина. Од нејзиното основање до денеска на овој мал простор се издигнале преку 300 историски зданија, меѓу кои Националната банка на Романија, Националната библиотека, црквите Ставрополеос, Св. Антони и Св. Никола, Националниот музеј на романската историја, како и бројни вредни објекти кои денеска се седишта на странските амбасади и романските министерства. Овој дел од градот претставува вистински бастион на странските туристи и помладите генерации со бројни кафетерии и ресторани, во чиј метеж неретко е невозможно да се ужива во убавината што ја пружа местото.
Седиштето на Националната банка на Романија е изградена во француски неокласичен стил во 1885 година, по проект на француските архитекти Касјен Бернард и Алберт Галерон. Зданието изобилува со коринтски столбови и огромна сала во внатрешноста. Преценетата величина на седиштето на највисоката романска финансиска институција се чини дека е во целосна спротивност со пешачките улички и помалите објекти во нејзината непосредна околина. Во близина на банката е сместен најпознатиот ресторан во Букурешт – „Carul cu Bere“ отворен во 1879 година како пивница во неоготски архитектонски правец, тој бил средиште на најпознатите писатели од градот. Денеска истиот претставува еден од локациите во Букурешт каде во континуитет во попладневните и вечерните часови се бара маса повеќе, но овој пат од бројните туристи кои сакаат да го почуствуваат магичниот дух на градот.
На идентичната улица е сместена најживописната црква во Букурешт подигната од грчки монах во 1724 година. Верскиот објект Ставрополеос плени со прекрасната надворешна фасада, фреските и иконите во внатрешноста на црквата, величенствената градина и чудесната комбинација на романската и византиската архитектура. На десетина метри од Ставрополеос е лоциран Историскиот музеј на Романија во неокласичен објект изграден на почетокот од XX век со 41 простории во кои е сместена историјата на Романија од античкиот период до денешни дни. Постојаната постановка на преку 3.000 златни артефакти, вклучувајќи ги круните и личниот накит на романското кралско семејство, ги воодушевуваат туристите. За жал, поголем дел од овој музеј во моментов се реконструира и е затворен за посета.
Но, Букурешт има огромен број на разновидни музејски институции. Меѓу нив треба да се издвои ретката постановка на 100.000 ликовни дела, создадени од европски и романски уметници во периодот од XV до XX век, во Националниот музеј на уметноста. Сместена во непосредна близина на познатиот Плоштад на револуцијата, оваа музејска установа била изградена во 1815 година, а конечниот изглед го добива во периодот од 1930 до 1938 година по санацијата од пожарот со кој била зафатена во 1926 година. Друга значајна музејска знаменитост во романската метропола е Музејот на селото, најголемиот европски музеј на отворено. Изграден во 1936 година, сместен е на површина од 36 ари во близина на паркот Херестрау со 50 објекти кои го претставуваат дизајнот и историјата на традиционалната романска архитектура.
Вреди да се спомене и музејот посветен на романскиот виолинист и композитор Георге Енеску, а списокот на музеи во главниот романски град што треба да се посетат е поприлично долг: Музејот на историјата и уметноста на Букурешт, Музејот на уметнички колекции, Геолошкиот музеј, Воениот музеј, Музејот на комунистичка иконографија, Музејот на романскиот селанец, Музејот на современа уметност, Музејот на железницата, Националниот музеј на стари мапи и книги и уште неколку други културни институции од оваа бранша. Во квартот Липскани се сместени неколку вистински уметнички оази каде може да се посетат ателјеа на ликовни уметници, продавници на занаетчии, антикварници и галерии.
Романскиот Атенаум претставува вистински бисер помеѓу градбите во главниот град на Романија. Се наоѓа во близина на Универзитетската библиотека и забележителниот споменик на романскиот крал Карол I, градбата е фантастично архитектонско дело на францускиот архитект Алберт Галерон. Речиси целосно е изградена преку самопридонес од граѓаните во 1888 година. Атенаумот претставува најпрестижната концертна сала во Романија и е една од најубавите објекти од овој вид на Балканот, препознатлив е и како седиште на Романската филхармонија „Георге Енеску“. Во збирката на впечатливи градби на Букурешт влегува и Триумфалната капија. Првично изведена од дрво во 1922 година, конечниот изглед го добива во 1936 година и претставува една од причините за именувањето на романската метропола како „Мал Париз“.
Букурешт може да се пофали со неколку огромни паркови и плоштади кои претставуваат вистинска реткост за главните градови на Балканскиот полуостров. Градината Чисмигиу е лоцирана во самиот центар и е составена од 30.000 разновидни дрва и растенија. Дизајнирана е во 1845 година од германскиот архитект Карл Мејер и е отворена за јавноста во 1860 година. Наспроти препознатливите огромни паркови, плоштадите во Букурешт се помалку на број, а меѓу нив најзначаен е Плоштадот на револуцијата. Името на овој јавен простор го симболизира падот на романскиот диктатор Николае Чаушеску и неговиот последен говор на 21 декември 1989 година одржан на оваа локација. Желбата да ја смири состојбата беше пропратена со силни негодувања од дотогашните негови приврзаници, при што комунистичкиот водач беше приморан да го напушти седиштето на партијата со хеликоптер. На Плоштадот на револуцијата и на уште неколку локации во Букурешт се одвиваа најжестоките битки за време на неколкуте револуционерни денови, кои зад себе оставија преку 1.000 загинати и илјадници повредени граѓани.
Букурешт е одлично поврзан со останатите европски метрополи. Градот денеска има два меѓународни аеродрома (Хенри Коанда и Аурел Влаику) кои годишно опслужуваат повеќе од 7 милиони патници со летови кон сите поголеми европски и светски дестинации. На главната железничка станица Gara de Nord пристигнуваат и поаѓаат преку 250 возови дневно кон домашни и меѓународни дестинации, а со воз од Букурешт секојдневно може да се патува директно до Будимпешта, Виена, Белград, Софија, Истанбул, Киев, Москва, Минск и Кишињев. За жал, станицата не е најсигурната локација за странските туристи и посетители кои за прв пат пристигнуваат во овој град, особено во текот на ноќните часови.
Јавниот превоз во Букурешт претставува еден од најразвиените на Балканскиот полуостров. Градските окрузи се поврзани со метро, трамвај, тролејбус, автобус и такси. Букурешкото метро има четири линии на кои сообраќаат возови во периодот од 5 часот наутро до 23 часот навечер. Цените за превоз со јавниот превоз во Букурешт се речиси идентични на Скопје, а билет со 10 возења во метрото чини 150 денари. Централните станици од метрото се реновирани и чисти, а со континуираното проширување на мрежата им е оставен простор на архитектите да ги изразат сопствените идеи во секоја од планираните идни станици. Новите метро вагони во Букурешт се преполни во текот на целиот ден, а главната причина за тоа е огромниот сообраќаен хаос низ главните булевари.
Идентично на подземниот транспорт, РАТБ (јавното сообраќајно претпријатие) има одлично организиран систем на трамвајска, тролејбуска и автобуска мрежа со нови тролејбуси од италијанскиот производител „Ивеко“ и германската компанија „Мерцедес“. Стандардно како и во секој друг романски град, такси превозот е составен од националната автомобилска марка Дачија. Во Букурешт може да се изнајмат велосипеди на неколку локации во центарот на градот, но за разлика од другите романски градови граѓаните многу малку го користат овој еколошки вид на превоз.
Споредено со европските градови, Букурешт не е најидеалното место за пронаоѓање на туристички информации и продавници во кои би можело да се купат мапи на градот или пак некакви сувенири. Наспроти ова, во централното градско подрачје се лоцирани огромен број на хотели од познатите меѓународни ланци: Рамада, Интерконтинентал, Радисон, Хилтон кои се преполни со посетители од западноевропските земји. Ваквиот радикален контраст не е невообичаен. Главниот град на Романија е преполн со спротивности кои започнуваат од архитектурата и градбите што можат да се сретнат во центарот, неурамнотеженоста помеѓу граѓаните во однос на социјалните класи, па се до различните услуги што ќе ги добиете од вработените во угостителските објекти. Сите овие карактеристики го доближуваат Букурешт до животот и менталитетот препознатлив за балканските народи.
Текст и фото: Бојан Блажевски