Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го означи почетокот на градежните активности за реконструкција на улицата Козле во општината Карпош, во должина од 850 метри. Стариот и оштетен асфалт од коловозот на потегот од крстосницата со улицата Јуриј Гагарин до крстосницата со улицата Нерешка ќе се изгребе, ќе се обнови тампонскиот слој и ќе се нанесе нов асфалт. Предвидено е поставување на нова атмосферска канализација и нови сливници во должина од 275 метри. Од двете страни на обновениот коловоз ќе се изградат тротоари, со променлива ширина од 1,5 до 2,5 метри, во зависност од условите на терен. Тротоарите ќе се покријат со бехатон плочки на површина од 2.000 метри квадратни.
Изведувач на градежните работи е компанијата „Пелагонија – Гостивар“, а активностите е планирано да завршат за 90 работни дена. Од градскиот буџет за овој зафат се одвоени 21,5 милиони денари. Минатата година беа реконструирани 450 метри од улицата, на потегот од последната станица на автобусот со број 57 до крстосницата со улицата Јуриј Гагарин, за што беа одвоени 12 милиони денари. Тогаш беше најавено дека целиот проект во должина од 1.300 метри ќе чини 26 милиони денари, со рок за изведба од четири месеци.