Градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, денеска го означи почетокот на градежните работи за изградба на нова колско – пешачка патека во близина на скверот кај хотелот „Јадран“ во строгиот центар на Скопје. Намерата на локалните власти е по теркот на веќе завршената улица „Никола Вапцаров“ да се изведат градежни активности на улиците „27 март“, „Наум Наумовски – Борче“, „Осма Ударна Бригада“ и „Скопска“, со што целиот простор во близина на амбасадите на Шведска и Шпанија ќе прерасне во шеталишта за граѓаните на главниот град. Со завршувањето на проектот ќе се измени постојниот сообраќаен режим на улиците кои ќе бидат комбинирани со колско – пешачка функција согласно со Деталниот урбанистички план. Постојниот асфалт на коловозот ќе се замени со коцки од вештачки гранит, а од двете страни на сообраќајниците ќе бидат изградени широки тротоари на ниво на самите улици, поплочени со плочи од вештачки гранит со димензии 33 х 33 сантиметри.
Делот помеѓу Еуростандард банка и зградата на Телеком ќе се уреди исклучиво како пешачка патека со чешма за вода за минувачите. На јавниот простор ќе се постават 77 големи мермерни жардинери, 20 клупи со мали мермерни жардинери, а зацртано е центарот на Скопје да добие и 54 светлечки столбови со зеленило. Како хортикултурно уредување е предвидено да се формираат дрвореди со садење на 96 цветни дрва, при што со проектот ќе се реши и одводот на атмосферските води со поставување на композитни канали – решетки по должината на улиците. Вкупната површина на изведување на градежните работи изнесува околу 6.000 метри квадратни, активностите се очекува да се комплетираат до крајот на јули, додека инвестицијата во зафатот изнесува околу 32 милиони денари кои се обезбедени од Буџетот на општина Центар.