Бројот на места за паркирање со кои оперираат деловните субјекти за јавни паркиралишта во 2011 година изнесувал 11.949, што претставува зголемување од 28% во споредба со 2010 година кога вкупната цифра била 9.334 паркинг места. Во текот на изминатата година, во земјава се регистрирани 93 вакви паркиралишта и гаражи со вкупна површина од 240.825 метри квадратни. Споредбата на извештаите на Државниот завод за статистика покажува дека во 2010 година се забележани 73 јавни локации за паркирање со површина од 183.294 метри квадратни.
Според обработените податоци, 9.494 места за паркирање, со површина од 185.235 метри квадратни, се на отворен простор, 1.385 места за паркирање со површина од 26.960 метри квадратни се во покриените гаражи, додека во катните гаражи има 1.069 места за паркирање со површина од 28.630 метри квадратни. Сумата на покриени и катни гаражи е зголемена во период од една година, па така во 2010 година се регистрирани една катна и две покриени гаражи, наспроти изминатата година кога нивната бројка нараснала на четири катни и шест покриени гаражи на територијата на Скопје, Охрид, Струмица, Куманово, Тетово и Прилеп. Во неколку градови од земјава локалните самоуправи пројавија интерес за формирање на јавни претпријатија за стопанисување со паркинзите, кои ќе ги уредат површините и ќе наплаќаат за услугите за паркирање. Од друга страна, само во Скопје во моментов се планирани или веќе се градат 15 катни гаражи од страна на АДСДП, Општина Центар, Град Скопје и заинтересирани приватни инвеститори.