Претходна статија
Се подготвува теренот за ТАВ
Следна статија
Гасификацијата чекор поблиску

Градот бара идејни решенија за катни гаражи

Објавено на 18.01.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Град Скопје објави конкурси за изработка на идејни решенија за две катни гаражи во центарот. Едниот конкурс се однесува на просторот на ул. Даме Груев, на паркингот пред „Лотарија на Македонија“. Таму се предвидува објект со комбинирана намена, кој покрај паркинг простор ќе содржи и деловни простории. Во конкурсните барања стои дека ќе се гради на површина од 3.313 метри квадратни и дека објектот треба да има приземје, седум надземни и две подземни нивоа со бруто развиена површина од 26.502 метри квадратни. Приземјето и првиот кат се предвидени за деловниот простор, а на останатите нивоа треба да функционира јавен паркинг со наплата, со капацитет за минимум 833 лесни возила. Другиот конкурс се однесува на локација помеѓу Јужен Булевар и ул. Мито Хаџивасилев Јасмин, на просторот спроти дирекцијата на „Макпетрол“. Таму се предвидува да се гради катна гаража на површина од 2.485 метри квадратни со бруто развиена површина од 13.046 метри квадратни. Не е наведена точна бројка за капацитетот, туку се бара во расположивиот габарит да се сместат максимален број на возила согласно стандардите и нормативите за паркирање.


Двата објекти се со максимална висина од 21 метар и за двата се бара фасадата да биде застаклена и воедно да овозможува природна вентилација. Градот ќе исплати по 250.000 денари за прва награда, по 120.000 за втора , и по 100.000 денари за трета награда. Краен рок за приложување на трудовите е 15 март. Иако неодамна беше соопштено дека јавни претпријатија ќе влезат во бизнисот со катни гаражи, засега не се потврдува кој ќе ги гради и кој ќе стопанисува со овие два објекти.