Македонските градежници полека, но сигурно ги губат традиционалните пазари во Европа и на Блискиот Исток. Додека гигантите од градежната оператива пријавуваат зголемена добивка за минатата година, благодарејќи на проектите што ги извршуваат на домашниот пазар, зделките за реализација на зафати во странство бележат стрмоглав пад. Државниот завод за статистика денеска излезе со фрапантни бројки во однос на договорените и извршени градежни работи на македонските компании на пазарите во странските држави, кои покажуваат намалување од 76,4% на извршените градежни активности во првите три месеци од 2012 година во споредба со истиот период од 2011 година. Уште понегативни се информациите за договорените проекти за реализација во идниот период, склучени во првото тримесечје од оваа година, кои се за 88,5% помалку во споредба со идентичниот период лани.
Статистичките податоци покажуваат дека македонските градежници договориле проекти надвор од Македонија во вредност од 189.356.000 денари, што е огромно намалување во споредба со минатогодишните 1.644.676.000 денари. Во однос на извршената работа, податоците покажуваат дека истата се одржала на висина од 66.356.000 денари, што претставува намалување во однос на комплетираните зделки во првите три месеци од 2011 година кои изнесувале 280.989.000 денари. Губењето на некогашниот примат на македонските градежници на странските пазари е процес кој во континуитет се провлекува последниов период. Бројките на Државниот завод за статистика за целата претходна година покажуваат дека вкупно извршените градежни работи се намалиле за 11% во споредба со 2010 година, додека склучените договори опаднале за дури 39% во однос на 2010 година.
И додека работата во странство драстично опаѓа, гигантите од македонскиот градежен сектор пријавуваат значително зголемување на добивката која се јавува како последица на проектите што ги градат на домашниот пазар. Покрај зголемувањето на профитот на компанијата „Бетон“ од Скопје за 14% во 2011 година, „Гранит“ во објавениот „Годишен извештај за работењето во 2011 година“ истакнува дека нето – добивката изнесувала 380.551.445 денари. Вкупниот приход за 2011 година е зголемен за 57,58% во споредба со 2010 година. Сепак, компанијата нема многу пофалби на сопствена сметка за извршената и договорена работа во странските земји. Освен завршувањето на започнатите работи од минатите години, преземањето мерки за нерасчистените финансиски побарувања за проектите во странство и раскинувањето на договорот за изградба на автопатот А4 од Бжешко до Вјежхославице во Полска, од скопски „Гранит“ не истакнуваат информации за нови склучени договори во нивниот официјален документ од областа на финансиите.