Стартуваше изградбата на кружен тек во близина на црквата Свети Петар и Павле во Ѓорче Петров, кој ќе ги поврзува булеварот Партизански одреди, улицата Македонска војска, улицата 4 јули и улицата Лука Геров [»мапа]. Кружниот тек ќе има две коловозни ленти со ширина од по 4,5 метри и ќе биде осветлен со 20 нови столбови за улично осветлување. Во близина на новото сообраќајно решение булеварот Партизански ќе се прошири со една коловозна лента (од десната страна гледано во правец на кружниот тек) и ќе добие тротоари со ширина до 2,5 метри, поплочени со бехатон плочки. Останатите сообраќајници нема да ја променат својата ширина и по нивната должина ќе се оформат тротоари со ширина од 1,5 до 4,5 метри, исто така покриени со бехатон плочки. Градежните работи треба да завршат во рок од четири месеци, а изведувач е градежната компанија „Гранит“. Финансиите во висина од околу 25 милиони денари ќе ги обезбеди Градот од својот буџет.
Минатата година во функција беше ставен уште еден кружен тек во близина, на местото каде се вкрсуваат улиците Ѓорче Петров, Воин Драшковиќ и Радушка.