Претходна статија
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ќе продолжи со активности и во иднина
Следна статија
Уште две парцели за станбени згради се нудат во Аеродром

РЕПОРТАЖА: Приштина   (III дел)

Градската инфраструктура е најгорливиот проблем на Приштина

Објавено на 17.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Рапиден раст на бројот на жители кои најчесто го користат автомобилот за патување на кратки дестинации и сакаат да живеат во згради во близина на строгиот центар. Накратко вака би можело да се опише актуелната состојба во Приштина, од која произлегуваат значителен дел од инфраструктурните проблеми. Градот има големи планови за иднината, но проектантите на Приштина во минатото воопшто не размислувале дека таа би можела да постане престолнина на една држава. Улиците во централното градско подрачје се претесни за да го примат сиот возен парк на граѓаните, а катни гаражи за паркирање нема. Велосипедските патеки и транспорт, како и јавниот градски превоз се најслабата организациона алка. Изградбата на модерни висококатници и збиени станбени комплекси најчесто се решени со диспропорционален број на паркинг места за граѓаните или улици со недоволно коловозни ленти за пристап до нив.

 

###

 

 

Според стратешкиот план на градот, изградбата на патната инфраструктура е клучна за решавањето на постојните проблеми. Пристапувајќи и на Приштина од правецот на Скопје, во моментов се гради јужниот сегмент од заобиколниот пат околу центарот на градот. На спојот на магистралниот пат со булеварот Бил Клинтон што води кон централното градско подрачје, во иднина ќе има кружен тек на две нивоа. Шетајќи низ градот, лесно може да се забележат зачетоците на замислениот план на локалните власти. Зацртана е изградба на три сообраќајни прстени: обиколница надвор од градот, внатрешен прстен и прстен во центарот на градот. На надворешната обиколница, која треба да се поврзе со магистралните патишта до останатите косовски градови, засилено се работи во моментов и значајни елементи веќе се изградени. Трите прстени треба меѓусобно да се поврзат со постоечките улици, но и со изведба на неколку нови. Внатрешниот сообраќаен прстен подразбира проект за широк булевар со неколку коловозни ленти, чија задача ќе биде да го намали бројот на возила што влегуваат во строгиот центар.

 

###

 

 

Со изградба на широка сообраќајница во централното градско подрачје, базирана на дел од сегашната сообраќајна мрежа, треба да се прошири пешачката зона околу булеварот „Мајка Тереза“, кој во еден дел веќе е претворен во централна пешачка зона. Најтежок за спроведување е сообраќајниот прстен за центарот на градот, на кој допрва треба да се работи. Во моментов, недоградената „Улица Б“ и постоечкиот булевар „Бил Клинтон“ се сообраќајници што можат да овозможат поголем проток на возила, а најголем дел од улиците во строгиот центар имаат по една или две коловозни ленти во секој правец со што не можат да го прифатат напливот на возила. Отворањето на пешачката зона во строгиот центар, заедно со изградбата на централниот плоштад „Ибрахим Ругова“, го решава проблемот со недостигот на простор наменет за пешаците, но таквото решение уште повеќе го зголеми сообраќајниот метеж во Приштина. Во принцип, трендот на намалување на улици и булевари во замена за пешачки зони и велосипедски патеки е актуелен, особено во европски рамки, но треба да се менуваат и навиките на жителите на градот во соодносот употреба на автомобили наспроти јавен превоз. Доколку нешто не се промени на овој план, ваквите потези во иднина дефинитивно ќе го колабираат транспортот во Приштина.

 

###

 

 

Многу горлив проблем за урбаниот развој на Приштина се помалите сервисни улици, за кои постои сериозна грижа како ќе одговорат на потребите на граѓаните, особено во квартот „Лакришта“, каде што веќе се градат зданија со висина од 10 до 42 спрата. Без оглед на решавањето на проблемот со паркирањето кај овие објекти, пристапот до нив допрва ќе треба да се обмислува за да не дојде до тотален сообраќаен хаос. Уште поголем проблем кој е воочлив при обиколката на косовскиот главен град е недостигот на простор за паркирање. Катните гаражи се мислена именка, а очигледно е дека новоизградените станбени згради немаат воопшто или пак имаат недоволно предвидени паркинг места кои ќе одговорат на потребите на жителите. Особено проблематично е паркирањето во строгиот центар на градот, а со континуираното градење во веќе густо населениот центар овој проблем станува хроничен. Идентично како и во Скопје, окупирањето на пешачките патеки од страна на автомобилите е редовна појава.

 

###

 

 

Поврзано со масовната употреба на моторните возила е и недостигот на велосипедски патеки во градот. Единствена изградена стаза за превозните средства со две тркала е онаа што се протега долж недовршената „Улица Б“. Во центарот на градот е речиси невозможно да се вози велосипед бидејќи нема патеки, во континуитет е присутен сообраќаен метеж на улиците, а тесните пешачки зони се заземени од минувачите и паркираните автомобили. Екипата на „Билд“ во целодневната прошетка низ Приштина успеа да забележи само еден велосипедист. Иако главниот град на Косово не е идеален за возење велосипед поради ридовите на кои е лоциран, сепак отфрлањето на ова превозно средство е голем минус во стремежот за одржлив развој на градот.

 

###

 

 

Негативна карактеристика на сметка на Приштина е и неорганизираниот јавен превоз. Половните приватни автобуси купени од западноевропските земји внесуваат забуна кај странските туристи и жителите од другите косовски градови. Секој автобус е своја приказна, во однос на неговите ознаки, бојата на возилото и линијата на која сообраќа. Ако треба да се направи споредба, тогаш дефинитивно автобусите во Приштина се слични на приватните автопревозници од Скопје. Градскиот превоз се состои од 16 автобуски линии кои ги поврзуваат населбите во градот. Единствено позитивно изненадување во транспортот на престолнината се препознатливите такси возила од Лондон. Иако малубројни, сепак овие возила, кои се симбол на британската метропола, нудат вистинско освежување на улиците во градот.

 

###

 

 

Важен сегмент на секој град се и плоштадите, пешачките зони и парковите. Во строгиот центар во Приштина пред самиот крај е изградбата на два градски плоштада. Кон средината на 2013 година треба да се заврши изведбата на плоштадите „Ибрахим Ругова“ и „Захир Пајазити“, кои заедно со централната пешачка зона треба да го подигнат на повисоко ниво изгледот на „срцето“ на градот. Реализацијата на централниот плоштад во чест на поранешниот косовски претседател е речиси завршена. Со површина од 13.000 метри квадратни, истиот е сместен помеѓу објектот на Владата на Косово, зградата на Националниот театар, споменикот на Скендербег и возобновениот хотел „Унион“. Општина Приштина само во изведбата на овие два проекта вложи преку 8,6 милиони евра.

 

###

 

 

Пандан на скопската централна улица „Македонија“ во Приштина е улицата „Мајка Тереза“, на потегот од седиштето на владата до „Гранд“ хотел. Најпознатите кафулиња и ресторани се лоцирани долж новоизградената пешачка зона, која ги спојува плоштадите „Ибрахим Ругова“ и „Енвер Пајазити“. Актуелните проекти ќе го направат овој простор пријатен за граѓаните, но недостигот на зелени површини и понатаму ќе остане како минус во урбаниот развој на градот. Ова е особено приметливо во строгиот центар, а единствена привлечна локација од овој вид е паркот „Ѓермија“ на ридовите источно од градот. Иако е блиску до Скопје, при посетата на Приштина се добива чувство дека градот е сместен на локација со сурова и сува клима, која го оневозможува природниот развој на зелените површини.

 

###

 

 

Слично на Скопје, постои екстремно високо ниво на некултура во однос на фрлањето смет на сите страни во градот. Се чувствува и недостигот на некогашната река, која доколку не се решела со подземни канали, би можело да се урбанизира и да се формира мало градско јадро во форма на кеј покрај неа. Накратко кажано, најгорливиот актуелен проблем на Приштина е градската инфраструктура. Локалната самоуправа и странските финансиски институции дефинитивно треба да ги решаваат накалемените негативни страни на ова поле пред да биде предоцна. На градот ќе му бидат непотребни футуристичките висококатници кои во моментов се градат, доколку не се решат постојните инфраструктурни проблеми.