На помалку од два часа патување со автомобил, автобус или воз од Скопје на север, патот не одведе во главниот град на најмладата европска држава Косово. Сончевото пролетно утро ја означи средбата со градот, кој доколку не сте го посетиле во изминативе две – три години ниту еднаш, тогаш нема да го препознаете дури и доколку во минатото сте живееле во него со децении. Застаклените кули го надвиснале небото над градот и ја најавуваат градежната експанзија што претстои во претстојните години. Приштина забрзано ја гради приказната за модерен град, особено по стекнувањето на независноста на Косово. Со сите свои предности и маани, уште со првите моменти од прошетката низ нeго, се рушат цврсто накалемените предрасуди за неговата сеопшта заостанатост. Иако е навистина далеку од развиените европски метрополи и во речиси сите урбани сегменти заостанува од Скопје, силниот пулс на градителството во Приштина може да биде предводник на преродбата на градот во наредните десетина години.
Главниот град на Република Косово се простира на околу 854 километри квадратни и е дом на околу 200.000 жители, ако се земат во предвид првичните неофицијални резултати од пописот спроведен во 2011 година. Проширувањето на градот во изминативе години, кој на моменти потсетува на хаотичен развој, доведе до спојување на Приштина со околните населени места – Косово Поле, Чаглавица и Грачаница. Заедно со приградските населби, косовската престолнина денес има 465.186 жители. Наспроти екстремно високите температури и благите зими во Скопје, на само 90 километри на север, Приштина се карактеризира со поблаги лета и постудени зими, климатска карактеристика за која најмногу е заслужна надморската височина од 652 метри.
Трагите низ историјата на Приштина водат кон неолитот, а традиционален симбол на градот е „Божицата на трон“, вреден артефакт кој води потекло од периодот на 4.000 години п.н.е. Во Римскиот период егзистирал градот Улпиана, сместен на 15 километри од сегашниот главен град, на локацијата на денешен Липљан. Минувајќи низ воени конфликти, етнички премрежија и оружени судири, Приштина денес го има вообичаениот изглед на населено место лоцирано на јужниот дел од Балканскиот полуостров.
Старата османлиска градителска култура, која е зачувана во минимални рамки во градот, архитектонските експериментирања проткаени во периодот на поранешна Југославија, со неколку објекти што се врежани во историјата на тогашната архитектура, ја даваат актуелната слика за Приштина во очите на постарите граѓани. Густо збиените и естетски непримерни зданија со налудничав контраст на бои и градежни материјали, но и издржаните новоградби што може да се мерат со меѓународните трендови во архитектурата, ја даваат визурата на градот од последните неколку години. Слично на Скопје, педесеттите години од XX век се клучни за исчезнувањето на старите градби од центарот на градот, при што на нивно место се подигнати згради, повеќето од нив без некаква архитектонска вредност.
Историските споменици во Приштина се сместени речиси на едно место, во близина на препознатливиот објект на Музејот на Косово, правејќи ги лесно достапни за туристите. Зградата на најзначајната музејска установа во Косово е инспирирана од австро – унгарската архитектура, а изградена е во 1898 година за потребите на турската армија. Впечатливиот изглед го прави ова здание поразлично во споредба со останатата приштинска архитектура. Зданието на Националниот музеј на Косово во текот на минатата година беше реконструирано, со што објектот го доби некогашниот сјај, но не и богатите археолошки и етнолошки колекции, кои се пренесени во Белград по повлекувањето на српските власти во 1999 година.
Веднаш спроти музејската зграда, лоцирана е познатата Чарши или Таш џамија, која во моментов е подложена на реставрација и е затворена за посетителите. Издигната е по битката за Косово во 1389 година од страна на султанот Бајазит I. Одејќи по истата улица од строгиот центар на градот, на само стотина метри е сместена и ориенталната градска куќа Еминџика, изградена во 19 век од страна на османлиите. Во стариот дел на Приштина се зачувани неколку куќи на богатите приштински семејства, кои архитектурата од дамнешно време сеуште ја имаат зачувано како печат на времето.
Продолжувајќи со пешачењето со идентично темпо, на само неколку минути од овие паметници на историјата се наоѓа величенствената Фатих (Царска) џамија, изградена од султанот Мехмед II, со впечатлива гравува на арапски јазик над главниот влез. Минарето е реконструирано по значителните оштетувања предизвикани од земјотресот во 1955 година. Спроти џамијата е сместена градската „Сахат“ кула, карактеристична за градовите од османлискиот период, 26 метарско здание многу слично на она изградено во Скопје. Големиот амам и џамијата на Јашар паша вредат да се посетат при обиколката на Приштина. Лоцирани речиси еден до друг, објектите можат да се разгледаат пешки за многу кратко време.
Во периодот по Втората светска војна, особено по педесеттите години на 20 век се подигнати неколку зданија по кои Приштина беше и се уште се препознава. Ако му поставите прашање на странец, по кое здание е препознатлив градот, тогаш одговорот кој несомнено ќе го добиете е необичниот архитектонски израз на Националната библиотека. Англискиот весник „Телеграф“ неодамна го прогласи овој објект за еден од 10-те најгрди згради во светот, неславна титула за делото на хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ. Инспирацијата за надворешниот изглед потекнува од пчелично саќе, а објектот е пуштен во употреба во 1982 година. Спроти некогашна „Рилиндија“, сместен е спортско – деловниот комплекс „Адем Јашари“ или некогаш познат како „Боро и Рамиз“, кој денес е оставен на забот на времето заедно со околината. Наспроти препознатливите објекти од минатото, во Приштина денес се подигаат или целосно се реконструирани бројни зданија за кои ќе говориме во наредното продолжение од репортажата.
(Следува: Станбени згради ја преплавија Приштина, „Лакришта“ ќе и ја донесе величината на метропола)