Локалните власти на Куманово го претставија решението на архитектите за новиот објект во кој ќе биде сместена општинската администрација во центарот на градот. Според информациите од општина Куманово, зградата ќе има 13.208 метри квадратни и ќе се гради на градежна парцела со големина од 2.308 метри квадратни. Замислено е таа да се издигне во висина од приземје и шест ката, постигнато со каскадно зголемување, започнувајќи од приземје и три ката. Локалната администрација и подрачните министерства ќе се сместат на површина од преку 7.000 метри квадратни, додека преостанатите 6.000 метри квадратни ќе бидат наменети за деловен простор.
Општина Куманово планира да го гради административно – деловниот комплекс преку јавно – приватно партнерство. Административниот дел ќе биде во сопственост на општината, а остатокот од површината ќе му припадне на деловниот партнер кој ќе инвестира во изградба на објектот. „Точното време на отпочнување на изградбата не може да се каже бидејќи потребно е да се изврши дооформување на градежната парцела и да се изврши експропријација. Финансиската конструкција ќе се знае по изработка на Изведбениот Проект“, истакнуваат за „Билд“ од локалната самоуправа. Советот на Општина Куманово на крајот од март годинава донесе одлука за задолжување во висина од 2,5 милиони евра кај некоја од комерцијалните банки за потребите на проектот за општинската зграда и изградбата на нов затворен базен.
» Форумска дискусија за овој проект