Претходна статија
Осигурителна компанија ќе гради деловен објект во Дебар Маало
Следна статија
Потпишан договор со консултант за тендерот за Чебрен и Галиште

Лицитација на земјиште за хотел под „Кале“

Објавено на 13.01.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски продава парцела во Скопје со големина од 13.675 метри квадратни, лоцирана на левиот брег на Вардар, непосредно под американската амбасада. Почетната цена е 6.600 денари за за квадрат, пријавувањето на заинтересираните ќе трае до 22 февруари, а јавното наддавање ќе се одржи на 2 март.


Извадок од ДУП Централно зеленило покрај река Вардар - Парк 2Според деталниот урбанистички план  „Централно зеленило покрај река Вардар – Парк 2“ кој е дел од владината приоритетна програма, на ова место е предвиден хотелски комплекс. Површината за градба изнесува 4.745 метри квадратни, а објектот може да има приземје и три спрата со вкупна висина од 14,5 метри. Потенцијалниот инвеститор ќе треба да изгради хотел со пет ѕвездички, но и со надворешен изглед налик на објектите што се градат на левиот брег на Вардар во центарот на Скопје. Идејното решение за изгледот ќе биде предмет на разгледување на специјална комисија. Инаку инвеститорот ќе има обврска да обезбеди градежна дозвола во рок од шест месеци по потпишување на договорот, а хотелот да го изгради во наредните три години. Во спротивно договорот би се раскинал.


ДУП-от „Централно зеленило покрај река Вардар – Парк 2“ исто така предвидува уште четири хотели, спортски центар и катна гаража. Министерството за транспорт и врски во ноември 2009 објави оглас за информирање на потенцијални инвеститори за продажба на 23 парцели државно градежно земјиште низ државата, меѓу кои беше и спортскиот центар и уште два хотели опфатени со овој ДУП.