Јосиф Багери, Неџат Аголи, Пјетр Богдани, Христо Татарчев, Павел Шатев и Кузман Јосифовски – Питу се историските личности кои следни ќе добијат споменик во строгиот центар на Скопје. Општина Центар денеска распиша неколку огласи за пронаоѓање најповолен понудувач за лиење во бронза на нивните спомен обележја, при што за дел од нив по втор пат се бара адекватна леарница по минатогодишниот неуспешен обид. Академските вајари веќе подолг период работат на нивното обликување, а изведувачите на финалната изработка во бронза ќе се знаат на 30 април за албанските интелектуалци и 25 мај за македонските револуционери, деновите определени како крајни рокови за доставување на понудите и нивното јавно отворање.
Општина Центар планира да ги смести новите спомен обележја во строгиот центар на Скопје. Споменикот на Пјетар Богдани, основоположникот на албанската книжевност, ќе се смести на Плоштадот Македонија веднаш до Гоце Делчев, оној на Јосиф Багери, еден од најистакнатите албански културни дејци, ќе се стационира пред Стариот театар, додека Неџат Аголи, првиот министер за здравство во македонската влада од 1945 година, ќе се лоцира во паркот Жена – борец. Спомен обележјата на трите македонски револуционери ќе бидат лоцирани во непосредна близина на Портата Македонија. Христо Татарчев ќе биде поставен на аголот од улиците 11 Октомври и Димитрија Чуповски, Кузман Јосифовски – Питу ќе се издигне во близина на споменикот на Македонските бранители, а Павел Шатев ќе се исправи на аголот од подземниот влез на Градски Трговски Центар.