Претходна статија
ИНТЕРВЈУ: Железничко поврзување на аеродромот „Александар Велики“ би била исплатлива инвестиција
Следна статија
Градот Скопје распиша јавен повик за поставување на два нови сплава во Вардар

Тунелот под плоштадот ќе го проектира шпанската фирма „ИДОМ“

Објавено на 30.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и претставникот на шпанската проектантска фирма „ИДОМ“, Хозе Алберто Фулдаин, денеска потпишаa договор за изработка на основен проект за подземна сообраќајница на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до Комплексот банки, заедно со потребните влезно – излезни сообраќајници. Цената на градежниот проект изнесува 33 милиони денари, а цената на сообраќајниот проект со ревизија изнесува 5,2 милиони денари, односно вкупно 38,2 милиони денари (околу 620 илјади евра). Изработката на проектната документација се очекува да заврши до крајот на годинава, кога ќе се распише и тендер за избор на изведувач. Почетокот на изградбата се најавува за крајот на 2013 година, а рокот за изведба е 3 години.

###

 

Сообраќајницата ќе има по една лента во правец и вкупна должина од 1.300 метри, од кои 900 метри под земја, а 400 метри над земја. Таа ќе почнува со кружен тек на западната страна на мостот „Гоце Делчев“, потоа ќе понира на максимална длабочина од 10 метри под земја и ќе излегува во близина на Комплексот банки, каде што треба да се направи уште еден кружен тек на вкрстувањето на булеварот Кузман Јосифовски Питу со булеварите Кочо Рацин и Крсте Петков Мисирков.

 

Во март минатата година градските и централните власти потпишаа Меморандум за соработка за финансирање на проектот, кој се предвидува да чини околу 32 милиони евра. Според договорот, Владата преку буџетот и преку кредитно задолжување треба да обезбеди 20 милиони евра. Половина година подоцна Советот на Град Скопје изгласа и одлука за задолжување преку издавање обврзници, во висина од пет милиони евра.

 

Шпанците од „ИДОМ“ работеа и на претходната фаза на овој проект. Во јуни 2009 година Министерството за транспорт и врски од нив порача да изработат Студија за сообраќајниот систем на Скопје со идеен проект за подземна сообраќајница од Соборниот храм до Комплексот банки како и за булеварот Св. Климент Охридски. Шпанската фирма исто така вршеше ревизија на проектот за трамвај во времето на Трифун Костовски, учествуваше во проектирањето на гасната електрана „ТЕ-ТО“ во Скопје, а се јавува и во улога на консултант за проектот за новиот Луна Парк во главниот град.

 

 

» Форумска дискусија за предложената подземна сообраќајница помеѓу булеварот Кузман Јосифовски Питу и булеварот Илинден