На главниот град дефинитивно му е потребен алтернативен вид на јавен транспорт бидејќи автобускиот превоз не може да ги задоволи потребите на метрополата, како и поврзување на аеродромот „Александар Велики“ со центарот на градот, но пред да започне било каков зафат треба да се анализираат барањата за превоз на граѓаните. „На Скопје под итно му треба студија со која ќе се истражуваат постојните потреби за превоз на луѓето – кои се изворите и целите на патувањата и во кое време на денот. Постојната мрежа на линии на автобускиот превоз не одговара на потребите на луѓето“, напоменува за интернет – порталот „Билд“ Никола Крстаноски, универзитетски професор на отсекот Сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет од Битола.
Според него, чудно е исфрлањето од ракав на секакви идеи за поставување на линии, како што е трасата за трамвајот покрај Вардар. „Мрежата на линии на јавниот градски превоз (автобуски и трамвајски) треба им служи на луѓето, а не да се поставува таму каде некој мисли дека има слободен простор“, истакнува професорот Крстаноски. Доколку градските власти во Скопје се одлучат за изградба на нов вид на јавен превоз, тогаш во предвид треба да се земе и постоечката инфраструктура. „Постоечката железничка инфраструктура може да се искористи за оформување на железнички прстен во периферните зони на Градот, кој би можел да ја подобри комуникацијата на овие простори со центарот на Градот“, констатира Зоран Кракутовски, универзитетски професор на Катедрата за железници при Градежниот факултет во Скопје.
* БГ Воз – градска железница во Белград
Долгогодишната идеја за поголемо искористување на железничкиот систем за јавен градски превоз може да се оствари со завршувањето на железничкиот прстен околу Скопје. „Железнички прстен околу Скопје може да се формира ако се доизгради колосек од железничка станица Ѓорче Петров преку коридорот на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, потоа преку дел од коридорот на бул. Македонија и да се приклучи на патничката станица од Транспортен центар“, објаснува за „Билд“ професорот Кракутовски.
Слична идеја е напомената и во документот „Програмски цели и барања за просторен развој на градот“, каде како барање од областа на железничкиот сообраќај кое треба да се исполни со новиот Генерален урбанистички план е наведено: „Изградената железничка мрежа во регионот на Скопје заедно со новопланираната градска линија Т4 треба да го оформи железничкиот прстен околу градот за јавен сообраќај на патници. Маршутата може да почне од железничката станица Ѓорче Петров, до станица Бардовци (ново предвидена станица), станица Шуто Оризари (ново предвидена станица), станица Скопје север, станица Железара, станица Скопски саем (ново предвидена станица) до терминал во Транспортен центар – Скопје“.
* Градско-приградска железница во Загреб
Иако постојат голем број предлози околу тоа кој вид на масовен превоз треба да се избере како алтернатива на скопските автобуси, сепак постои позитивна согласност околу барањето за поврзување на аеродромот Александар Велики со центарот на Скопје преку искористување на постоечката железничка инфраструктура. Новата аеродромска зграда и севкупниот зголемен капацитет за превоз на 4 милиони патници годишно бара решавање на постојниот проблем. „Нашите првични проучувања покажуваат дека ако 30% од патниците кои го користат аеродромот се превезуваат со железнички транспорт до и од аеродромот, тогаш проектот би бил економски исплатлив и финансиски самоодржлив“, вели професорот Зоран Кракутовски.
* Трамвај кој може да се движи и по главната железничка мрежа (Трам-Воз) во Саарбрикен
Професорот Никола Крстаноски наведува дека постојат академски трудови кои нудат предлози за поврзување на идната трамвајска мрежа на Скопје со постојната инфраструктура, за поврзување на аеродромот и за поврзување на Куманово со Скопје со т.н. „регионален трамвај“. „Технички решенија за ваков трамвај кој би се движел и на трамвајски шини и на шини од меѓуградска железница веќе постојат и се користат, како на пример во Карлсруе, Германија“, објаснува професорот Крстаноски. Врската на скопскиот аеродром со центарот на градот преку искористување на веќе изградената железничка инфраструктура е наведена и како програмско барање од областа на јавниот градски превоз кое треба да се исполни во новиот Генерален урбанистички план.
* Трамвај кој може да се движи и по главната железничка мрежа (Трам-Воз) во Карлсруе
Според размислувањата на градските власти, изградбата на трамвајот е алтернативата што му е потребна на Скопје за решавање на постојните проблеми со транспортот на патници. Во моментов не се размислува на други проекти, како што е воведувањето на градска железница во Скопје. „Град Скопје со партнерите избрани на меѓународниот конкурс спроведува постапка за воведување на трамвајски превоз“, истакнуваат од Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните на Град Скопје.