Општина Петровец денеска објави оглас за отуѓување на градежно земјиште во мултифункционалната зона Ќојлија, за подигање на мали комерцијални и деловни објекти, лесна и незагадувачка индустрија и сервиси. На продажба се нудат 10 градежни парцели со големина помеѓу 1.073 и 25.212 метри квадратни, при што локалната самоуправа е заинтересирана да отуѓи земјиште со вкупна површина од 111.855 метри квадратни. Најповолните понудувачи ќе имаат можност да изградат објекти со приземје и кат на површина од 77.620 метри квадратни и максимална висина од 8 и од 12 метри. Почетната цена за квадрат изнесува 120 или 250 денари, во зависност од парцелата. Поднесувањето на пријави од страна на заинтересираните ќе трае до 3 мај, а лицитацијата ќе се одржи на 15 мај.
Купувачите на градежните парцели ќе имаат рок од 6 години да ги изградат планираните градби. Општинските власти од Петровец пред нецели три месеци веќе успеаја да продадат 54 хектари земјиште за изградба на големи трговски единици, лесна и незагадувачка индустрија, образовни и здравствени институции, а „Тинекс“, „Југоекспорт“, „Жикол“ и „Унион“ се дел од компаниите кои тогаш купија земјиште во мултифункционалната зона Ќојлија.