Забрзано се довршува реконструкцијата на тревникот и на атлетската патека на стадионот „Филип II Македонски“, а паралелно се работи и на сообраќајната мрежа околу најголемиот македонски спортски објект. Според зборовите на директорот на АДСДП, Цветко Грозданов, градежните работи наместо до крајот на месецов, ќе финишираат со задоцнување од 20 дена. Арената ќе добие атлетска патека со тартан подлога, тревнатиот терен ќе биде со бусени, под кои ќе има свилени конци и систем за греење. Вкупната инвестиција на оваа фаза од проектот за довршувањето на објектот изнесува 3,5 милиони евра.
Околу стадионот се гради кружна улица со две сообраќајни ленти во должина од околу 700 метри, атмосферска мрежа долга 550 метри, тротоари и улично осветлување. Градот Скопје, Општина Центар и АДСДП ги обезбедија финансиските средства во висина 35 милиони денари или околу 600.000 евра за изведување на овој зафат. Градежните работи ги врши компанијата „Гранит“, а активностите за изградба на патната инфраструктура околу спортскиот објект е предвидено да се комплетираат за 3 месеци. Во поттрибинскиот простор на арената „Филип II Македонски“, веќе е познато дека ќе се смести младински хостел, а јавниот повик за долгорочен закуп на просториите со површина од 12.139 метри квадратни ќе биде продолжен и во натамошниот период поради големиот интерес од правните и физичките лица. Со издавањето на деловниот простор ќе се приберат дополнителни приходи за завршување на целокупниот објект, но и ќе се комплетираат сите пропратни содржини што се стандардни во ваков тип на објекти.