Привршува монтажата на спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ во паркот „Жена борец“ во Скопје. Композицијата е составена од десет бронзени скулптури на делегати на заседанието, од кои три се претставени во седечка позиција, со висина од 3,2 метри и седум во стоечка позиција со висина од 4 метри. Во стоечка позиција се претставени Панко Брашнаров, Кирил Петрушев, Емануел Чучков, Тихомир Милошевски, Тодор Стојанов – Ѕвездин, Киро Глигоров и Веселинка Малинска, а во седечка Бане Андреев, Методија Андонов – Ченто и Михајло Апостолски.
Скулптурите се поставени на правоаголен постамент кој го изведе градежната компанија „Конструктор инженеринг“. Постаментот е висок 1,9 метри, обложен е со травертин и украсен е со 10 релјефи во бронза со вкупна површина од 21,6 метри квадратни. Скулптурите и релјефите ги излеа италијанската леарница „Фердинандо Маринели“. За изработка на споменикот се потрошени 1,9 милиони евра.
Автор на спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ е Слободан Милошевски. Негови други дела се скулптура на муза за фасадата на Стариот театар, скулптури на маж и жена во галичка носија за објектот на МНР и скулптури на Ристо Шишков и Живко Чинго за Мостот на уметноста.