Претходна статија
Парични казни наместо раскинување на договорите со недисциплинираните инвеститори
Следна статија
Авиосообраќајот со најсилен раст, железничкиот превоз стагнира

ИНТЕРВЈУ: Регионалното поврзување и соработка сè поприсутни во индустријата со недвижности

Објавено на 02.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во пресрет на вториот саем за недвижности и инвестиции RealEx Skopje 2012, разговаравме со Игор Чучков, директор во Леорон за Југоисточна Европа, околу потребата за една ваква манифестација и идните планови за RealEx.

 

 

 

 

Саемот за недвижности и инвестиции RealEx Skopje 2012 ќе се одржи од 6 до 10 март. Можете ли да ни ја откриете програмата на настани и гостите кои ќе земат учество на овогодинешното издание?

 

По големиот успех на минатогодишното издание, го најавуваме вториот RealEx Скопје – Саем и конференција за недвижности и инвестиции што ќе се оддржи од 6 – 10 Март во Метрополис Арена во Скопје. Станува збор за единствен саем од ваков тип и највлијателен настан на ова поле во Македонија и пошироко во регионот. Во рамки на саемот ќе се случи и дводневна конференција со врвна програма. На првиот ден, 6 Март 2012, ќе се одржи “RealEX – конференција за развој и инвестиции”, додека на вториот ден, 7 март 2012, ќе се одвива “RealEX – конференција за архитектура и урбано планирање“. Во дводневната конференциска програма помеѓу говорниците ќе се појават: Dr. Khalid Al-Tawil Главен Советник на Принцот Mohammad Ben Naif, Министер на Кралството Саудиска Арабија,г-дин Xavier Pinchart основач и директор на ФОРТОН МКА, г-ѓа Ирена Перфанова, Заменик Претседател на ФИАБЦИ – Меѓународната Федерација за Недвижности, г-дин Луан Деда, Градски Планер од Scott Brownrigg, Велика Британија и други. Дополнително, на 7 Март во Хотелот Александар Палас ќе се оддржи Гала вечера на која ќе се доделат награди за најуспешните учесници.

 

 

Кои се главните причини поради кои компаниите и граѓаните треба да го посетат Саемот на недвижности RealEx?

 

Саемот претставува совршена платформа на која посетителите ќе имаат единствена можност на едно место и во исто време да ја видат најголемата понуда на недвижности во Македонија и регионот, одблизу да се запознаат со секој поединечен проект како и со условите за купување односно инвестирање во истиот. RealEx претставува централното место каде од 6 – 10 Март ќе бидат присутни сите професионалци и учесници на пазарот со недвижности. Дополнително, за сите заинтересирани посетители нудиме можност да бидат дел од нашиот конференциски дел на 6 и 7 Март на кој од страна на врвни експерти ќе имаат можност да ги слушнат новитетите и трендовите во индустријата со недвижности како и во архитектурата и урбаното планирање.

 

 

Раскажете ни ја приказната за почетоците на RealEx. Зошто токму ваква манифестација и зошто токму во Македонија?

 

Нашите анализи и истражувања кои ги правиме пред било кој настан да биде позициониран и пред да се започне со промоција на истиот, покажаа дека Македонија и регионот се идеално место за позиционирање на еден ваков настан. Имено, дури и во вакви времиња на глобална економска и финансиска криза, Македонија е земјата каде стапката на економскиот раст е многу повисока, пазарот на недвижности е релативно стабилен, а стапката на поврат на инвестициите е на доста високо ниво. Дополнително, нашето интернационално искуство и огромен број контакти, како и фактот што во Македонија не постоеше ваков настан, влијаеше на нашата конечна одлука да отпочнеме со приказната наречена RealEx. Сметаме дека ова претставува извонредна бизнис платформа и можност поголем број на меѓународни компании да ја посетат Република Македонија и да се сретнат со претставници од бизнис заедницата и дека истиот ќе донесе бенефит за македонската економија и нејзиното позиционирање на регионалниот пазар.

 

 

Какви беа ефектите од RealEx 2011 и како ја оценувате состојбата со пазарот на недвижности во Македонија во периодот помеѓу RealEx 2011 и RealEx 2012?

 

На RealEx Скопје 2011 имаше 25 изложувачи од 7 земји кои ги презентираа своите проекти пред повеќе од 16.000 посетители од земјава и странство, и остварија вкупна вредност на склучени договори од над 5 милиони евра. Мислам дека бројките зборуваат сами за себе и да бидам искрен, ова навистина ги надмина и нашите очекувања и ни даде дополнителен мотив уште посилно да го развиваме проектот на регионално ниво.

 

 

RealEx се одликува со силна регионална компонента. На какво ниво во моментов е регионалната соработка на стопанствениците кога станува збор за бизнисот со недвижности и на кои полиња гледате простор за продлабочување на таа соработка?

 

Регионалното поврзување и соработка се се поприсутни во сите сегменти па така и во индустријата со недвижности. Секојдневно сме сведоци дека компании од регионот па и пошироко инвестираат во недвижности во Македонија. Притоа, истото го прават самостојно или на партнерска основа со локални / домашни инвеститори, банки или меѓународни инвестициски фондови што е особено интересно во последно време. Впрочем, фактот што на овогодинешниот RealEx ќе учествуваат водечки компании од речиси сите земји од регионот и истите освен за пласирање на своите производи и услуги на крајните потрошувачи, во голема мера се заинтересирани за развивање на партнерски односи и воспоставување на директни бизнис релации со компании од Македонија го потврдува токму тоа.

 

 

Дали RealEx ќе продолжи да додава имиња на листата на саемски градови? Каде го гледате RealEx за 5 години?

 

RealEx е веќе присутен во Скопје, Приштина и Тирана. Многу бргу, истиот ќе биде дел од саемските календари и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска. Во блиска иднина, RealEx го гледам како највлијателниот настан за недвижности во Југоисточна европа, централно место каде се случува вистинскиот бизнис и настан кој ќе биде во календарот на сите професионалци од индустријата со недвижнини.