По неуспешниот прв обид за избор на идејно решение за реконструкција, Градот Скопје по втор пат објави конкурс со кој постојните објекти „Сити Галери“ и „Метропол“ е предвидено да добијат фасади во духот на проектот „Скопје 2014“. Овој пат во објавата е напоменато дека понудените предлози за надворешниот изглед на зградите треба да бидат во неокласичен архитектонски стил, критериум кој не беше наведен во првиот оглас објавен во новогодишните изданија на дневните весници.
Градските власти во изјава за „Утрински весник“ појаснуваат дека зафатот ќе се изведе за да не се издвојуваат фасадите на овие два објекта од останатите што се реконструираат, градат или допрва ќе се градат на централниот скопски плоштад. Од планираните обновувања, во моментов активно течат градежните работи за промена на фасадата на објектот „Пелистер“, а засега не е познато кога ќе започне реновирањето на останатите зданија кои гравитираат околу плоштадот „Македонија“.