Градежна парцела во центарот на Скопје со површина од 31.929 метри квадратни и должина од речиси еден километар, која се наоѓа зад старата железничка станица [»мапа], денес беше продадена од страна на државата по цена од 6.300 денари за метар квадратен, односно вкупно околу 3,3 милиони евра. Единствен понудувач на електронското јавно наддавање беше турскиот холдинг „Лимак“. Услов за учество на лицитацијата беше годишниот обрт на капитал на субјектот да не биде помал од 100 милиони евра во секоја од последните 3 години.
Маркичката за градба предвидува повеќенаменски објект во кој може да се сместат мали комерцијални и деловни единици, големи трговски единици, големи угостителски единици, деловни простории и хотелски комплекси со компатибилни класи на намени. Дозволена е висина на објектот најмногу до 70 метри, односно приземје и 20 ката, при што максималната бруто површина на комплексот може да достигне цели 213.156 метри квадратни. Рокот за прибавување на одобрение за градење е 12 месеци, а рокот за изградба на објектот е 72 месеци.
Продажбата на ова земјиште значи и актуелизација на еден од најзначајните предвидени инфраструктурни проекти во Скопје. Парцелата се наоѓа над зацртаната подземна траса на Јужниот булевар, а „Лимак“ ќе биде обврзан на свој трошок да го изгради делот на оваа сообраќајница кој е опфатен со Деталниот урбанистички план „Стара Железничка Станица“ и без надомест да го предаде во владение на Градот. За таа цел, во рок не подолг од 20 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, Турците треба да склучат договор со градската администрација со кој ќе се уредат односите за изградба на овој инфраструктурен проект.
Според соопштението на Министерството за транспорт и врски, „Лимак“ холдингот е еден од најголемите инвеститори во Република Турција кој од 1976 година работи со инвестиции во градежништвото, туризмот и енергетиката. Турскиот холдинг е сопственик на еден од најголемите хотелски синџири во Турција и Кипар, а оперира и со повеќе хидроелектрани во Турција и Грузија, како и со аеродромите „Сабиха Гокчен“ во Истанбул и меѓународниот аеродром во Приштина. „Лимак“, во конзорциум со австриска и индиска компанија, исто така учествуваше и во постапката за концесија на македонските автопатишта.