Претходна статија
Градежниците бараат продолжување на рокот за аплицирање за „Купи куќа, купи стан“
Следна статија
ТЕМА: Стратегија имаме, нови автопати нема да отвораме во 2012 година

Ќе се гради нов Клинички центар, локацијата во Бардовци ќе чека посветла иднина

Објавено на 17.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Мапа на Клиничкиот центар Скопје (извор: Медицински Факултет - УКИМ)Премиерот Никола Груевски најави изградба на нов објект за Клиничкиот центар во Скопје со површина од 50.000 метри квадратни, на веќе постоечката локација под Водно. Во новиот објект ќе бидат сместени најголем дел од клиниките. Исклучок ќе бидат Детската, Инфективната и Стоматолошката клиника, кои ќе останат во постојните засебни објекти, а новата зграда на гинеколошката клиника, како и хируршките клиники ќе бидат поврзани со новиот централен објект преку „топла врска“. Во близина се планира изградба на катна гаража, додека хелиодром најверојатно ќе има на покривот на новиот објект. Финансиските средства што треба да се одделат за реконструкција на сегашните објекти претставуваат главна причина за донесената одлука. „Пресметавме дека реновирањето на преостанатите објекти ќе не чини приближно исто како да изградиме еден нов голем објект“, истакна Груевски. „Инвестицијата ќе биде поддржана од Банката за развој при Советот на Европа, за што веќе е остварен контакт со банката, начелно ни е даден позитивен сигнал дека тоа е добра идеја, дека тие би ја поддржале“, додаде премиерот.

 

Гинекологија и уште неколку клиники ќе бидат поврзани со новата зграда преку „топла врска“Замислата за дислокација на Клиничкиот центар во населеното место Бардовци ќе чека подобри времиња, поради потребата од големи инвестиции во изградба на потребната инфраструктура. „Таа локација за една подалечна иднина останува, постепено ќе се работи на неа, но за блиска иднина, за наредните 10 – тина или повеќе години, тука ќе се изгради еден функционален објект кој ќе биде модерно опремен“, напомена Груевски. Вкупната инвестиција во новата зграда ќе биде помала од 50 милиони евра, во април ќе се распише оглас за идејно решение, а изградбата се очекува да започне за една година.

 

На македонската јавност во октомври 2010 година и беше презентирана физибилити студија за дислокација на постоечкиот Клинички центар. Според овој документ, новиот објект треба да се гради на 93 хектари во близина на Психијатриската болница Бардовци, на јужната страна од пругата кон Тетово. Замислената зграда е зацртано да се простира на површина од 195.000 метри квадратни, а проектот за преместување на здравствената установа би чинел и до половина милијарда евра.