Хидроелектраната „Шпиље“ ќе се модернизира за да се зголеми нејзиното годишно производство на електрична енергија. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) објави тендер за надградба и ревитализација на најголемиот енергетски објект од овој вид на сливното подрачје на реката Црн Дрим. Со предвидениот проект ќе се зголеми сегашната инсталирана моќност на хидроелектраната од 84 MW, ќе се продолжи нејзиниот животен век и дополнително ќе се осигура производството на електрична енергија од истата. Финансиските средства за зафатот врз ХЕ „Шпиље“ се обезбедени од германската KfW (КфВ) банка и од ЕЛЕМ. Засега не се соопштуваат детали за тоа какви активности се опфатени со тендерот, ниту дополнителни информации за тоа кога ќе започне и колку ќе трае планираниот зафат.
Во ноември 2010 година беше потпишан Договор за заем за ревитализација на шесте големи хидроелектрани Шпиље, Глобочица, Тиквеш, Вруток, Врбен и Равен во вредност од 32,1 милион евра. Германската КфВ банка учествува со кредит во износ од 27,9 милиони евра, додека државната електроенергетска компанија ќе вложи сопствени средства во износ од 4,2 милиони евра. Со модернизацијата, овие енергетски објекти ќе ја зголемат сопствената инсталирана моќност за 18,1 MW, а Македонија годишно од нив ќе добива дополнителни околу 50 GWh електрична енергија. Надградбата на шесте хидроелектрани е планирано да се комплетира до почетокот на 2014 година.