Претходна статија
Нов кружен тек во Ѓорче Петров
Следна статија
Норвежани и Турци се потенцијални оператори на ТИРЗ Тетово

ТЕМА: Кога ќе има нови возови за македонските патници?

Објавено на 26.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Помина половина година од последното владино ветување за купување на нови дизел и електромоторни патнички гарнитури за Македонски железници – транспорт, а во јавноста сеуште не е обелоденето кога ќе се распише меѓународниот тендер за избор на најповолен понудувач за возовите, ниту пак е потпишан договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за доделување кредит за оваа намена. Ветувањето на македонската влада е дека во 2013 година ќе сообраќаат 5 нови патнички гарнитури, од кои 3 дизел и 2 електромоторни, со цел поквалитетно одвивање на внатрешниот патнички сообраќај. Зделката вредна 45 милиони евра опфаќа и купување на 160 товарни вагони, но и за оваа најава сеуште нема никакви конкретни мерки.

 

 

*Кога ќе се променат старите возови што сообраќаат по македонските пруги?

 

 

За разлика од Македонија, земјите од регионот во моментов активно работат на купување нови патнички гарнитури и вагони за модернизирање на железничкиот транспорт. Црна Гора потпиша договор со шпанската компанија Construcciones y Auxiliar de Ferrocarriles (CAF) за купување на 3 електромоторни возови во вредност од 13 милиони евра, обезбедени преку заем од ЕБРД. Шпанскиот производител ќе треба да го комплетира договорот до 1 јули 2013 година, а проектот е дел од големиот градежен зафат за целосна реконструкција и оспособување на пругата од Подгорица до Никшиќ.

 

 

* Руски дизел моторни гарнитури ќе сообраќаат по српските пруги

 

 

Србија во моментов преговара со неколку потенцијални кредитори за санирање на девастираната железница, меѓу кои се и ЕБРД, Европската инвестициска банка, Меѓународната железничка банка „Еурофима“, како и со државите Русија и Чешка. Железничката компанија на нашиот северен сосед веќе купи 12 дизел моторни гарнитури од рускиот производител „Метровагонмаш“ во вредност од 43 милиони швајцарски франци преку заем од „Еурофима“. Првиот воз е пристигнат во Србија, а останатите 11 ќе треба да започнат да сообраќаат на неелектрифицираните пруги до крајот на 2012 година. Српските железници имаат обезбедено кредит од ЕБРД во вредност од 100 милиони евра за набавка на 22 до 23 електромоторни гарнитури за меѓуградски и приградски железнички сообраќај, иако сеуште немаат објавено информации од кој производител ќе се купат превозните средства.

 

 

* Шпанска „Талго“ композиција во железничкото депо во Сараево

 

 

Босна и Херцеговина купи 9 патнички композиции од седмата генерација на познатиот шпански производител „Талго“. Шпанската влада и додели кредит на босанската федерална железница во вредност 67,6 милиони евра. Дополнителни 40 милиони евра се одвоени за купување на 4 Талго возови за Железницата на Република Српска. Гарнитурите постепено беа испорачувани на босанската железница, а во моментов сеуште се чекаат употребни дозволи за нивно сообраќање низ железничката инфраструктура во Хрватска и Србија. Новите возови првично ќе сообраќаат кон Загреб, Белград и Будимпешта, а во понатамошниот период и кон други европски градови. Железницата на оваа земја доби дневни и ноќни Талго композиции кои можат да развијат максимална брзина од 220 километри на час. ЕБРД со 5,3 милиони евра го финансираше и проектот за купување на електромоторна гарнитура од хрватската компанија „Кончар“ за регионалниот сообраќај во Босна.

 

 

* Првата дизел моторна гарнитура произведена во Хрватска

 

 

Хрватска покрај тоа што презема мерки за купување на нови патнички возови за државната железничка компанија, во моментов е единствената држава од бивша Југославија што произведува патнички гарнитури во познатите „Гредељ“ и „Кончар“. Од овие компании е изработен електромоторен воз за босанските железници, но и 8 електромоторни гарнитури за приградскиот превоз во Загреб. „Гредељ“ го претстави и својот прототип на дизел моторна гарнитура за регионален сообраќај на неелектрифицирани пруги. Хрватски железници се пред потпишување на кредит од ЕБРД во вредност од 150 милиони евра за купување на повеќесистемски локомотиви и електромоторни гарнитури за електрифицираните пруги во оваа земја.

 

 

* Електромоторна гарнитура на хрватскиот производител „Кончар“

 

 

Романија, Бугарија и Грција веќе од поодамна имаат направено крупни чекори во осовременувањето на возниот парк на нивните железници. Ако се изземе Албанија, како и Косово кое во моментов вложува во реконструкција и купување единствено на локомотиви, а не патнички гарнитури и вагони, тогаш Македонија е единствената земја на Балканот која во последниве 2 години не вложила напор во обезбедување сопствени финансиски средства или пак земање кредит од странска банка за купување на нови превозни средства во железницата. Во меѓувреме, роковите за остварување на владиното ветување течат, а состојбата со возниот парк на МЖ – Транспорт од година во година се влошува поради дотраениот возен парк стар од 25 до преку 40 години.

 

 

Бојан Блажевски