Претходна статија
Состојбата во градежниот сектор неповолна, опаѓа бројот на издадени дозволи за градење
Следна статија
Нов изведувач ќе ја оправа ситуацијата со охридската болница

До 300 евра државна субвенција за семејствата кои ќе вградат сончеви колектори

Објавено на 07.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за економија, Ваљон Сарќини, денес ја презентираше Програмата за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на соларни колекторски системи во домаќинствата за 2012 година. Министерството ќе надоместува 30 отсто од трошоците или максимум по 300 евра за вграден сончев колектор, на секое семејство кое ќе биде извлечено на јавно извлекување. Граѓаните може да аплицираат на огласот кој е веќе објавен и ќе трае до крајот на мај. Во буџетот има издвоено 6 милиони денари предвидени за оваа намена, со што ќе се покријат околу 350 семејства. После 2007, 2009 и 2011, ова е четврта година на државни субвенции за вградување на вакви системи.

 

„Годишно едно домаќинство со воведување на соларен термален колектор во својот дом заштедува околу 2.400 киловат часови, за користење од околу 8 месеци, односно заштеда од 8.400 денари на годишно ниво. За илустрација, доколку сите домаќинства во Републиката, а ги има околу 600.000, инсталираат соларен термален колектор во свoјот дом, годишно ќе се заштедат 144.000 мегават часови“, нагласи Сараќини. Тој исто така додаде дека Македонија е земја со висок потенцијал за искористување на сончевата енергија на ваков начин.

 

Барателот на субвенцијата до Министерството за економија треба да ги достави следните документи: пополнет образец за барање (во архивата на Министерството за економија), доказ во оригинал дека е извршено купувањето на сончев термален колекторски систем (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот). Јавното извлекување на добитниците е предвидено за месец јуни, а сите баратели ќе бидат поканети на јавниот настан. Доколку со првото извлекување не се ангажираат сите обезбедени средства од Буџетот на Република Македонија  за 2012 година за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата, ќе се организира ново извлкување во рок од 30 дена од денот на првото извлекување, се до целосно ангажирање на средствата, притоа имајќи ги во предвид потребните средства за персонален данок, за што ќе има дополнително известување.