Раководителите на градежните компании неповолно ја оценија економската состојба во последниот квартал од 2011 година во однос на истиот период од претходната година, а паралелно со оценките на градежниците опаѓа и бројот на издадени дозволи за градење и вкупната вредност на предвидените објекти. Најголемо влијание врз ограничувањето на подобрување на сегашната градежна активност има непостоењето доволна побарувачка со 16,9%, зголемените трошоци за материјали со 15,8% и конкуренцијата во сопствениот сектор со 11%. Сепак, оценката за финансиската состојба на деловните субјекти од овој сектор во чевртото тримесечје од минатата година е подобра во споредба со истиот период од 2010 година.
Намалувањето на активноста на градежната оператива во земјава е видлива и преку бројот на издадени дозволи за градење во декември 2011 година, кој е помал за 11,1% во споредба со истиот месец од претходната година. Најзагрижувачки се податоците за вкупната предвидена вредност на објектите, која значително се намалува во текот на последниот период. Во ноември 2011 година беше забележан пад од 32,9%, а во декември намалувањето изнесува дури 45,3% во споредба со истиот период од 2010 година. Соопштенијата на статистика покажуваат дека во 2011 година се издадени вкупно 2.596 одобренија за градење, а убедливо најголем интерес за изградба се јавува во секторот високоградба, каде се вложени и најмногу од финансиските средства за предвидените објекти.
Бојан Блажевски