Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија склучи Договор со градежната компанија „Гранит“ за изградба на административен објект во кој ќе се сместат 14 државни институции и Факултетот за драмски уметности. Новата зграда, која ќе биде висока 25 метри со приземје, 7 ката и поткровје, ќе го чини државниот буџет вкупно 1.214.198.092 денари или нешто над 19.900.000 евра. Локацијата е во непосредна близина на адвокатската улица и црквата Пресвета Богородица [»мапа]. Изградбата се очекува да започне на 1 март, а договорот има времетраење од 20 месеци и се очекува објектот да биде завршен до 31.10.2013 година. Според податоците објавени на интернет страницата на Бирото за јавни набавки, површината за градење изнесува 2.126 метри квадратни, а вкупно изградената површина е планирано да изнесува 19.134 метри квадратни. Во објавените информации се наведува дека имало и пониска понуда од 1.028.981.434 денари на распишаниот тендер, но сепак работата ја добила компанијата „Гранит“ од Скопје.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски