Премиерот Никола Груевски денеска најави започнување на нова поголема инвестиција за изградба на детски градинки на територијата на Македонија. Проектот е планирано да се реализира во соработка со Светска банка, а Министерството за труд и социјална политика веќе води две паралелни подготовки за проектот. За почеток, предвидена е изградба на 10 градинки.
„Едната подготовка ги лоцира потребите во која општина е потребна градинка или повеќе градинки и втората, паралелно со тоа, изработува два типски проекти на градинки – една помала и една поголема, за да не мора секоја градинка посебно да се проектира, бидејќи на тој начин би се изгубило многу долго време. Со овие два или максимум три типски објекти и со завршувањето на сите подготовки во втората половина на годината ќе започне изградба на барем првите 10 градинки“, изјави премиерот Груевски. Во Македонија подолго време се јавува голема потреба од отворање на нови образовни институции од овој вид, со оглед на податоците кои покажуваат целосна исполнетост на постоечките објекти.
Бојан Блажевски