Претходна статија
И објектот на Владата ќе се обвитка во „барок“?
Следна статија
Државата ја заврши изградбата на 169 социјални станови во Штип и Битола

Јужниот булевар ќе оди под земја, а над него ќе се гради огромен објект

Објавено на 12.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски денеска објави продажба на две градежни парцели во центарот на Скопје, кај Старата железничка станица. На вкупна површина од 41.824 метри квадратни ќе се гради голем комплекс со повеќе намени, како и објект од културата. Потенцијалниот инвеститор на првиот објект ќе треба на свој трошок да го изгради и подземниот сегмент на Јужниот булевар предвиден во ДУП „Стара Железничка Станица“ и по изградбата на истиот, без надомест ќе треба да го предаде во сопственост на Град Скопје.

 

Првата градежна парцела е со површина од 31.929 метри квадратни и има должина од речиси еден километар [»мапа]. Се простира над предвидената подземна траса на Јужниот булевар. Наменета е за комерцијални, деловни, угостителски и хотелски содржини. Маркичката за градба дозволува висина од 70 метри до венец, односно приземје и 20 ката, а максималната бруто површина на комплексот може да достигне цели 213.156 метри квадратни. Почетната цена за продажба на ова земјиште изнесува 6.000 денари од метар квадратен, т.е. вкупна почетна цена од 191.574.000 денари (околу 3.120.000 евра). Како посебен услов за учество на јавното наддавање претставува годишниот обрт на капитал на правното лице што ќе сака да гради, кој не смее да биде помал од 100 милиони евра во секоја од последните 3 години.

 

Втората понудена парцела е со големина од 9.895 метри квадратни и го опфаќа просторот околу Музејот на Град Скопје, односно просторот на старата железничка станица [»мапа]. Нејзиниот иден сопственик ќе може да изгради објект од областа на културата со максимална бруто површина од 25.959 метри квадратни, но 49 % од квадратурата на објектот ќе може да ја намени за други содржини и дејности. Дозволената висина на зградата е 23 метри, односно приземје и пет ката. Почетната цена на ова државно земјиште изнесува 2.800 денари од метар квадратен, а вкупната почетна цена изнесува 27.706.000 денари (околу 450.000 евра). И кај овој оглас како дополнителен критериум за учество во наддавањето е годишниот обрт на капиталот на правното лице да не биде помал од 100 милиони евра во секоја од последните 3 години.

 

Заинтересираните субјекти за градежното земјиште ќе може да ги достават пријавите за учество на електронското наддавање најдоцна до 15 февруари, а наддавањето ќе се одржи на 21 февруари за првата парцела, односно на 25 февруари за втората парцела.

 

 

ДУП Стара железничка станица

 

 

Бојан Блажевски