Во текот на овој месец треба да биде објавен тендер за проектот на Светската банка и Министерството за правда, со кој е предвидено да се изгради и уреди нова зграда за потребите на Кривичниот суд во Скопје. Објектот кој е зацртан со „ДУП Судска палата 2“ ќе има приземје и пет ката и ќе никне веднаш до зградите на Врховниот суд, Апелациониот суд и Основниот суд Скопје 1, на празниот простор зад Архивот на Македонија. Инвестицијата се проценува на шест милиони евра, од кои Светската банка ќе обезбеди пет, а преостанатите ќе дојдат од државниот буџет.
Објектот ќе располага со околу 8.000 метри квадратни. Планирани се судници за 200, за 100 и за 35 луѓе, како и 70 до 80 судиски кабинети. Ќе биде вградена современа опрема, а меѓудругото сите судници ќе бидат опремени со аудио-визуелна техника која ќе овозможи постојано снимање на судските процеси. Новиот суд ќе има и библиотека, простории каде ќе се чуваат приведените лица, простории за адвокатите и простории за медиумите. Во него ќе биде сместен и одделот за организиран криминал.
Изградбата би требало да почне во март и да трае 18 месеци. Со овој проект ќе се реши хроничниот проблем од недостиг на простор во Основниот суд Скопје 1. Во старите простории веројатно ќе се всели Управниот суд, кој засега функционира во зградата на Македонски пошти.