Општина Петровец на електронска лицитација продаде 17 парцели државно градежно земјиште со вкупна површина од околу 540.000 метри квадратни. Се работи за парцели во близина на аеродромот „Александар Велики“, наменети за големи трговски единици, лесна и незагадувачка индустрија, образование и здравство.
Вкупно беа понудени 687.387 метри квадратни, распределени во 21 парцела, опфатени со „Урбанистички план за вон населено место Ќојлија, за мултифункционална зона“. Почетната цена варираше помеѓу 50 и 250 денари за метар квадратен, а на огласот се јавија 20-тина странски и осум домашни инвеститори. Од Општината не соопштија колкави цени се постигнати на електронското наддавање. Меѓу купувачите се фирмите „Тинекс“, „Југоекспорт“, „Жикол“ и „Унион“. Исто така парцели беа купени и од странски инвеститори од Грција и Хрватска, како и италијанската „Еуроиталија“, која веќе гради трговски центар во Петровец, а има купено 6.000 метри квадратни и во соседното Катланово.
Преостанатите парцели во мултифункционалната зона Ќојлија се најавува дека ќе одат на повторна продажба до крајот на февруари.