Градот Скопје денеска објави конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на постојните објекти „Сити Галери“ и „Стар Метропол“ сместени на плоштадот „Македонија“. Во огласот објавен во дневните весници не е наведено во кој архитектонски стил би требало да бидат новите фасади на овие објекти. Крајниот рок за доставување на плановите е 3 февруари, а за победникот на конкурсот е предвидена награда од 400.000 денари.
Градските власти се вклучија во проектот „Скопје 2014“ преку финансирање на промената на фасадите на постојните објекти кои гравитираат околу плоштадот „Македонија“. Првиот објект што започна да се реконструира е зградата „Пелистер“, каде градежните работи привршуваат. Во следната фаза нови фасади се очекува да добијат објектите на потегот од „Пелистер“ до плоштадот „Пела“ и зградата над кафетеријата „Тренд“. Конкурс за идејно решение беше објавен и за деловниот објект на АДГ „Пелагонија“, а со најновиот оглас од Град Скопје се заокружува бројката на објекти на кои ќе им се менуваат фасадите во согласност со прикажаната визуелизација на проектот „Скопје 2014“.
Бојан Блажевски