Претходна статија
Работите на теренот на националниот стадион напредуваат според планот
Следна статија
Дополнителни 20 дена за евалуација на тендерот за Чебрен и Галиште

Скопските таксисти ќе се унифицираат во бело – жолта боја

Објавено на 30.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Секој што сака да се занимава со такси превоз во Скопје ќе мора да го обои возилото во бело – жолта боја. Од 1 јануари 2012 година ќе започне применувањето на членот 13 од Одлуката за авто такси превоз на патници на подрачјето на главниот град. „Сите кои ќе поднесат барање за лиценца од Нова година ќе мора да ги унифицираат и боите на автомобилите со кои ќе ја извршуваат такси дејноста“, истакнуваат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Градските власти потврдуваат дека е постигнат договор со такси компаниите во однос на ова прашање, а оние таксисти кои имаат важечки лиценци ќе треба да ја унифицираат бојата на возилата при поднесувањето на документација за обновување на тековната лиценца.

 

Членот 13 од Одлуката на Советот на Град Скопје е дециден дека бојата на такси возилата со кои што се врши авто – такси превоз на патници треба да биде бела, освен бојата на предниот поклопец на моторот и задниот поклопец на багажниот простор која треба да е жолта. Такси компаниите сеуште не се расположени да даваат официјални изјави во врска со новиот критериум што треба да го исполнат за извршување на дејноста. Сепак, реакциите се очекуваат при обновувањето на постоечките лиценци.

 

На почетокот од јули 2011 година беа промовирани унифицираните ознаки на легалните авто такси превозници на територијата на Град Скопје. Ознаките на такси компаниите им беа доделени бесплатно од страна на градските власти, а секој автомобил доби табла со натпис TAXI и  налепница со број од изводот на лиценцата. Согласно донесената одлука, уредени се 135 такси стојалишта со капацитет за 683 возила на територијата на главниот град. Максималниот број на такси возила е ограничен на 3.000 со можност за зголемување на бројката за дополнителни 300 такси возила, доколку се работи за еколошки автомобили со ниска емисија на издувни гасови.

 

» Форумска дискусија за такси превозот во Македонија

 

 

Бојан Блажевски