Претходна статија
Дополнителни 20 дена за евалуација на тендерот за Чебрен и Галиште
Следна статија
Објектите „Сити Галери“ и „Метропол“ наскоро со нови фасади

Штип го распиша тендерот за уредување на коритото на реката Отиња

Објавено на 31.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По добивањето согласност од страна на кредиторот Светска банка, општина Штип денес го објави тендерот за избор на најповолен понудувач за изведба на проектот „Реконструкција и санација на речното корито и изградба на платформи над реката Отиња“. Според пропишаните услови, градежните работи за уредување на централното градско подрачје на потегот од мостот Св. Никола до болницата треба да се реализираат во временски период од 18 месеци, додека градоначалникот на Штип Зоран Алексов е оптимист дека истите ќе завршат во текот на 2012 година. Зафатот предвидува изградба на пет паркинг платформи над реката Отиња, обновување на постоечките мостови, уредување на коритото на реката и изградба на пешачки патеки. Финансиската конструкција на овој проект изнесува околу 1,7 милиони евра. Крајниот рок за поднесување понуди на тендерот е 17 февруари.

 

 

 

Локалната самоуправа го доби бараниот кредит од 2 милиони евра од Светска банка во текот на април годинава, а во рамките на истиот се обезбедија и средства во износ од 310.000 евра за реконструкција на централниот градски плоштад во Штип. Градежните работи на плоштадот „Слобода“ веќе започнаа кон крајот на ноември. На штипјани проектот за уредување на коритото на реката Отиња првично им беше презентиран во ноември 2009 година, а тогашната симулација покажа дека од наплатата за паркирање ќе може да се вратат финансиските средства од земениот кредит.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски