Зонското паркирање се шири во скопските општини, се градат нови паркинзи и се зголемува вкупната добивка на ЈП „Градски паркинг“. Претпријатието бележи успешна година зад себе со отворени 3.100 нови паркинг места на целата територија на Град Скопје, од кои 2.300 се зонско паркирање, а дополнителни 800 паркинг места се класифицирани како затворени паркиралишта. Вкупните приходи на претпријатието во 2011 година се очекува да изнесуваат 120 милиони денари, што претставува зголемување за 15% во однос на претходната година.
*Целосно се заврши паркиралиштето „Транспортен центар“ и се уреди просторот на некогашната депонија
Според проекциите, во 2012 година е предвидено да се отворат 2.000 нови паркинг места на територијата на Скопје, а најголем предизвик на ова јавно претпријатие претставува проширување на своите активности во централното градско подрачје и на територијата на општините Чаир, Карпош и Аеродром. За идната година е планирано да се отвори станица за технички преглед и автоматски перални за автомобили, да се набават две нови пајак возила и да се направи депо за нив, а претпријатието ќе се поднови и со 7-8 нови автомобили и 10 скутери за поефикасно функционирање на зонското паркирање.
Бојан Блажевски