Државата ќе продава нови локации за изградба на откупно – дистрибутивни центри за земјоделски производи низ Македонија. Веќе се распишани објави за оттуѓување на земјиште во Штип и Демир Капија со краен рок за доставување на понудите до 21 јануари за Штип, односно 26 јануари за Демир Капија. Во наредните две недели се очекува да се огласат за продажба нови локации во Свети Николе, Ресен, Чешиново – Облешево и во Валандово, а во текот на јануари 2012 година и за изградба на објект со оваа намена во Кочани.
„Агрофруктус“, Струмица за време на изградбата
Досега се продадени четири парцели за изградба на откупно – дистрибутивни центри за земјоделски производи во Врапчиште, Чешиново – Облешево, Кочани и во Штип. Според владините планови, до првата половина на 2012 година ќе бидат понудени 25 локации преку јавна објава на заинтересирани субјекти. Претходно, во октомври годинава во Струмица беше отворена првата поголема инвестиција од овој вид во земјава. Хрватската компанија „Агрокор“ го изгради откупно – дистрибутивниот центар „Агрофруктус“ вреден 20 милиони евра на земјиште кое и беше доделено на 99 – годишен закуп по пат на наддавање.
Бојан Блажевски