На запуштениот простор околу терасата на базенот „Младост“ во Карпош, управата на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ планира да гради аква парк [»мапа]. Паркот би опфатил 5.600 метри квадратни нова површина, додека заедно со летната тераса на „Младост“ би имал вкупно 6.500 метри квадратни.
Предвиден е базен со бранови, разни видови тобогани од кои најголемиот е долг 45 метри и е со висина од 15 метри, голема прекршена лизгалка, инка, мрзлива река со водопад и остров за релаксација во средината. Исто така ќе има „детски свет“ со потопен брод-играчка и разни реквизити за најмладите. Во рамките на аква паркот ќе функционираат четири барови кои ќе можат да опслужат вкупно 250 гости, а целиот комплекс ќе може да прими најмногу 1.000 посетители. За реализација на овој проект Општина Карпош треба да направи измена во деталниот урбанистички план, бидејќи во моментов на тој простор е зацртан паркинг.
Висината на инвестицијата се проценува на 2.800.000 евра. Физибилити студијата и идејниот проект ги изработија Методи Хаџи-Андов и Игор Мартиноски, а 3Д визуелизациите се дело на Златко Лазаровски и Бојан Тасев.