Претходна статија
Значително зголемување на издадените одобренија за градба
Следна статија
Железница го објави возниот ред за 2012 година

Кој ќе го гради автопатот од Демир Капија до Смоквица?

Објавено на 06.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Петнаесет странски компании се јавија на тендерот за избор на најповолен понудувач за изведување на градежните работи на автопатот од Демир Капија до Смоквица, соопшти Министерството за финансии. Интерес за извршување на градежните активности на последната неизградена автопатска делница од Коридорот 10 пројавија две грчки компании (Joint Venture JIP AVAX – Athena и AVAX), две шпански (Acciona – PST Joint Venture и OHL – Trace – OHL ZS INVALL), четири италијански (Impresa Pizzaroti I.C.G.P.A, Toto S.P.A. Construzioni Generali, Condotte – Kolin и Todini Construzioni Generali SPA), три австриски (Strabag A.G., Joint Venture Porr – Terna и Alpine BAU GMBH) две турски (MAPA Insaat ve ticaret A.S. Cengiz – TAV – MAKSOL), како и германската Hochtief Solutions AG и кинеската компанија CWE – CRI. Домашни компании не се пријавија бидејќи не можеа да ги исполнат строгите услови поставени од страна на странските финансиери на проектот.

 

 

 

Од заинтересираните субјекти ќе се избере компанијата што испорачала најдобра понуда за изградба на делницата, со која ќе се потпише договор за изведување на работите во првата половина на 2012 година. Доколку активностите се одвиваат според планираното, се очекува до крајот на 2016 година да се реализира долговетуваното целосно поврзување со автопат на патниот сегмент од Коридорот 10.

 

Трасата во должина од 28,6 километри минува по тежок терен низ бројни насипи и засеци, со два двоцевни тунели долги над еден километар, шест мостови, две клучки, пет надвозници, седум подвозници и 15 километри секундардна патна мрежа. Предвидено е автопатот да има 2+2 коловозни ленти со широчина од 3,50 метри, физички одвоени со средна лента од три метри. Тендерот за избор на најповолен понудувач беше објавен на 31 август годинава, а најголем дел од финансиската конструкција за проектот е обезбеден од страна на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и претпристапните фондови на ЕУ.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски