Претходна статија
За четири месеци Штип ќе има нов плоштад
Следна статија
Подемот на економијата ќе ги покачи цените на становите

Во 2012 година ќе се отпочнат неколку крупни инфраструктурни проекти

Објавено на 01.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Изградбата на автопатската делница од Смоквица до Демир Капија, започнување на работите на железничкиот Коридор 8, реконструкција на железничката пруга долж Коридорот 10 и гасификацијата се крупните инфраструктурни проекти кои ќе треба да отпочнат во текот на 2012 година. Според најавите на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кон крајот  на 2012 година ќе отпочне реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце, а годината по неа ќе започнат градежните работи за железничко поврзување до бугарската граница. Во 2012 година ќе се реконструираат и 24 километри од железничкиот Коридор 10 на потегот од Табановце до Куманово и од Миравци до Смоквица, за што веќе беше објавен и тендер од страна на Европската банка за обнова и развој (EBRD).

 

Според соопштението на Министерството за транспорт и врски, министерот Јанакиески на деловниот појадок со претставници на стопанските комори и градежните компании за наредната година го најави и започнувањето на проектот за изградба на автопатска делница од Коридорот 10, на потегот од Смоквица до Демир Капија. Тендерската постапка за пријавување на заинтересираните субјекти за изградба на овој проект е речиси при крај и по финалниот рок 6 декември ќе се знае која компанија ќе ја гради оваа автопатска делница.

 

 

Бојан Блажевски