Коридорот 8 во Македонија во догледна иднина ќе остане без целосно автопатско поврзување. После пропаѓањето на тендерот за концесионирање на македонските автопати, Владата се обидува да изнајде начин како да се реализира барем дел од проектот. Вицепремиерот Владимир Пешевски за македонската програма на „Дојче Веле“, изјави дека под концесија најверојатно ќе се понуди сегментот помеѓу Кичево и Гостивар, како и делницата од Скопје до граничниот премин Блаце (која не е дел од Коридорот 8, но беше дел од „западниот пакет“ на тендерот за концесионирање). За делницата, пак, помеѓу Кичево и Охрид државата веројатно самата ќе се обиде да најде средства за изградба на ниво на автопат. Кон границата со Бугарија, според Пешевски, засега се напушта планот за автопатско поврзување. Наместо тоа предвидена е реконструкција и проширување со трета лента на одредени делови. Поголеми интервенции ќе има помеѓу Ранковце и Крива Паланка, каде што е можна и промена на дел од трасата.