Претходна статија
Поефтинува државното земјиште во Скопје
Следна статија
Буџетот на Градот усвоен, скопјани ќе возат по нови сообраќајници во 2012 година

ТЕМА: Соларните електрани се градат споро и со мноштво проблеми

Објавено на 13.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако сме последни по искористеноста на сончевата енергија во регионот, изградбата на фотоволтаични постројки во Македонија претставува тешко остварлив зафат поради бројните пречки на кои наидуваат потенцијалните инвеститори. Официјалните податоци од Регистерот на постројки на Агенцијата за енергетика се непроменливи, па така во делот за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) фигурираат 8 фотоволтаични електрани изградени на територијата на земјава со вкупно инсталирана моќност од 1.468 kW и планирано годишно производство од 2.016 MWh. Во последните неколку месеци до Регулаторната комисија за енергетика единствено 3 компании имаат поднесено барање за производство на електрична енергија од фотоволтаични електрани, и тоа „Енсол“ од Битола, „Солартек“ од Скопје и „Христов Електро“ од Скопје.

 

Причината за малиот број завршени енергетски објекти од овој тип лежи во проблемите и недореченостите кои ја успоруваат или оневозможуваат изградбата од страна на  заинтересираните компании. Звонко Димески, сопственик на првата македонска компанија за производство на соларни панели „МФЦ – 93“, за интернет – порталот „Билд“ ги појаснува бројните пречки со кои се соочува при изградбата на планираната фотонапонска постројка. Главната причина за неотпочнување со градба на неговата електрана е проблемот со пронаоѓање на приватна фабрика или хала на која би се поставиле фотонапонските електрани. Сепак, по добивањето на идеална локација во кругот на компанијата „Еурокомпозит“, господинот Димески бил непријатно изненаден од страна на локалната самоуправа во Крушево. „При барањето да извадам градежна дозвола, ми беше кажано дека фабриката мора да побара ново урбанистичко решение за да може воопшто да гради нешто на своја земја. Такво решение се издава ако јас си ги сносам трошоците за неговото издавање, кои се во големина од 2.000 евра и минимум чекање од 6 месеци“, истакнува сопственикот на прилепската компанија.

 

* Соларни панели на МФЦ-93

 

Недореченостите во урбанистичките планови претставуваат огромна пречка при изградбата на соларна електрана. „Како јас да добијам градежна дозвола, кога во самите детални урбанистички планови никаде, ама баш никаде, не е предвидена градба на таков објект. Дури постои во нивните планови дека енергетски објект не може да се гради во индустриска зона“, вели Звонко Димески. Причината за малиот број изградени фотонапонски електрани ја гледа и во бавноста на издавањето на лиценци и дозволи, но и во монополската поставеност на ЕВН – Македонија во однос на приклучувањето на веќе изграден објект.

 

Потенцијалните инвеститори се дополнително загрижени по информациите кои најавуваат намалување на повластената тарифа за откуп на електричната енергија од фотонапонски електрани. „Цената од 30 евроценти за киловат – час предадена електрична енергија е на прагот на рентабилност на ваков вид инвестирање. Јас, со 50 киловати сончева електрана можам да се надевам со оваа цена на враќање на инвестицијата за 7 – 8 години. Тоа и не е така долг период. Но ако, според најавите, таа цена се спушти на 25 или уште полошо на 20 евроценти за киловат – час, тогаш нема да се изгради ниту еден таков капацитет“, истакнува сопственикот на компанијата „МФЦ – 93“.

 

* Соларни панели на МФЦ-93

 

За бројните проблеми при изградбата на фотонапонска електрана порталот „Билд“ веќе пишуваше во текот на август годинава. „Технички овие проекти се многу едноставни и се градат во рок од еден месец, ако претходно сте ја нарачале сета потребна опрема, но административно барем досега беше ноќна мора“, напомена тогаш Ацо Петров, сопственик на радовишката компанија „Алфа инженеринг“. За жал, пречките со кои се соочуваат потенцијалните инвеститори при изведбата на фотонапонски постројки остануваат актуелни до денешен ден.

 

 

Локалните власти знаат и да помогнат

 

Општина Новаци е една од ретките македонски општини која сериозно се вклучува во партнерство со потенцијалните приватни инвеститори за изградба на енергетски објекти кои произведуваат електрична енергија од соларни електрани. Во завршените проекти на локалната самоуправа е наведена и успешната соработка во поддршката за прибирање на потребната документација за изградба на фотонапонска електрана од скопската компанија „Мега Солар“. Инвестицијата вредна 3 милиони евра беше промовирана во текот на изминатово лето, а енергетските параметри на изградената соларна електрана го прикажуваат инсталираниот капацитет од 0,95 MW и инсталираната моќност од 996, 7 kW.

 

 

»Форумска дискусија за сончевите електрани во Македонија

 

 

Бојан Блажевски