Градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски и претставниците на словенечката компанија „Терме Виват“ потпишаа договор за изработка на физибилити студија за искористување на геотермалните води од Кочанскиот регион и нивно ползување за загревање на градот. Планираната студија подразбира искористување на геотермалниот потенцијал за производство на електрична и топлинска енергија, но и за изградба на геотермален спа центар како прв од ваков вид во Македонија. Финансиските средства за изработка на документот се обезбедени од страна на словенечката влада.
Преку РЕ „Геотерма“ на комуналното јавно претпријатие, Кочани е единствениот град во Македонија кој од 1984 година го искористува потенцијалот на подземните геотермални води. Во моментов системот топлифицира 18 хектари оранжерии во Кочанскиот регион, како и спортската сала, судот и три основни училишта во градот. Иако има големи потенцијали, Македонија недоволно ги искористува геотермалните води како обновлив извор за производство на електрична и топлинска енергија.
Бојан Блажевски