Денешната работилница на тема „Анализа и планирање на енергетската политика во Македонија: Првични резултати“ беше повод за оптимистичко обраќање на министерот за економија Ваљон Сарачини на тема изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. „Верувам дека пролонгираниот рок до 15 декември за јавниот повик за нивна изградба ќе биде и конечен и оти ќе завршиме со фамозниот проект кој датира од пред 40 години“, истакна министерот Сарачини.
Тендерот за „Чебрен“ и „Галиште“ беше пролонгиран, па така првичниот краен рок за доставување на понудите од 29 јули се оддолжи за уште 4 месеци до крајот на годинава, а главната причина за ваквата одлука од министерството тогаш ја објаснуваа со потребата од дополнително време за подготовка на понудите на квалификуваните компании. Претходно, претквалификационата фаза за избор на концесионер за изградба на овие два хидроенергетски објекта ја минаа 10 странски компании од првичните 16 заинтересирани субјекти.
Ветувањата за изградба на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ преживеаја два општествени система и шест тендери за нивна изградба. Планирани и проектирани уште во 60 – тите години на минатиот век, денес се проценува дека нивната изградба ќе чини од 600 до 700 милиони евра. Избраната компанија ќе треба да ги гради двата енергетски објекта по пат на јавно – приватно партнерство со државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).
Бојан Блажевски