Македонски железници – Транспорт ќе се поднови со 5 нови патнички гарнитури и 160 нови товарни вагони во вредност од 45 милиони евра. Според интернет – порталот на Владата на Р.М., во 2013 година на македонските пруги ќе сообраќаат 3 нови дизел моторни гарнитури и 2 електро моторни гарнитури, а ќе се обезбедат и нови вагони за товарниот железнички транспорт. Владата на вчерашната отворена седница го усвои мислењето на Комисијата за економски систем за подобрување на состојбата со железничкиот транспорт во Македонија.
Според официјалните владини информации, финансиските средства потребни за обновување на возниот парк ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) или од други финансиски институции. Конструкцијата за проектот треба да се заокружи во 2012 година. Од осамостојувањето до денес МЖ – Транспорт има купено единствено 3 стари но модернизирани и тиристоризирани електрични локомотиви од Хрватска. Последни нови гарнитури за патничкиот сообраќај се купени пред 25 години, а железницата последен пат се има подновено со нови патнички вагони во 1991 година.
Бојан Блажевски